| четврток, 6 декември 2018 |

Падна серијата од 8 победи на Грабул

Димитар Грабул е поразен во второто коло на тенискиот турнир во Вестенд, Белгија од домашниот тенисер Кимер Копејанс, со што е прекината серијата од 8 победи на македонскиот тенисер. Грабул загуби со 3-6,5-7, а тоа му е втор пораз од истиот ривал во третиот меѓусебен дуел во последните неколку месеци.

Димитар игра изненадувачки добро и ја минува втората тениска младост, на 31-годишна возраст. До овој меч, скопјанецот што сега живее во Белгија имаше 8 победи во низа, сметајќи ги и квалификациските натпревари, а го освои и првиот турнир во кариерата со триумф во Де Хан.

Успесите му донесоа солидна резерва на бодови, од Вестенд, каде што се игра за награден фонд од 15 илјади долари ќе прокнижи уште еден поен, со што повторно има можност да напредува. Грабул собра 27 поени за неполни два месеци, а претходно имаше само еден и направи огромен скок од над 1200 позиции, до сегашното 706. место.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top