| четврток, 6 декември 2018 |

Марин не си го исполни ветеното: Наместо паркинг никнува зграда во Аеродром

Во т.н. Реонски центар во Аеродром, на празната локација што требаше да биде наменета за паркинг –како што тврдат тамошните жители, оти тоа и им го ветувал градоначалникот Златко Марин, сепак никнува зграда.

Аеродромци во медиуми изјавија дека во предизборната кампања, кога просторот на градилиштето веќе било оградено, побарале од Марин да најде начин местото да биде пренаменето за паркинг. Дополнително виделе надеж, оти со местото стопанисува Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, па очекувале општината и државата да најдат заеднички јазик.

Од општината пак демантираат дека некогаш Марин ветил пренамена на просторот за паркинг. Тврдат дека одобрението за градба било дадено во 2016 година кога со општината раководеше Ивица Коневски.

Дали ова ќе биде нов случај на граѓанско незадоволство кон градоначалникот Марин? Претходниот сличај е познат на јавноста, откако не успеа – а вети, дека ќе го реши проблемот со деветкатницата кај „Мајчин дом“, односно дека таа нема да се гради. Но, сега деветкатницата полека расте, а граѓаните останаа со куси ракави среде зима.

извор: Скопскоехо

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top