| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција и изложба на графичката новела „Хашиш“ од уметникот Ѓорѓе Јовановиќ по текст на Анри Мишо

На 12 октомври во галеријата на Младинскиот културен центар ќе биде отворена изложбата на која ќе биде презентиран целиот процес на изработка на графичката новела, како и селекција на цртежи, развојните фази на книгата, неколку решенија за корицата и фонтот што специјално е изработен за потребите на оваа графичка новела.
Графичката новела “Хашиш” е седма книга од стрип – едицијата “Лифт” на издавачката куќа Темплум.
Анри Мишо е еден од најуникатните творци на 20-от век кој покрај пишувањето поезија, проза и патеписи, долги години се занимавал со сликарство. Мишо се занимава со „внатрешниот свет” на човечките соништа и кошмари. Во еден период од неговото творештво, тој користел дроги, особено мескалин, за да достигне состојба на поголема чувствителност што би влијаела врз неговата уметност.


Мишо им припаѓа на групата на уметници кои ги уриваат конвенциите во литература – метафората и декорациите се ретки. Неговиот свет е полн со страв, вознемиреност и отуѓување.Тој создава надреални слики кои произлегуваат од неверојатни моќта на имагинацијата, често исполнети со многу апсурден хумор.
„Битно за мене беше тоа да не биде ‘сува’ илустрација на текстот туку поттик да го пресоздадам со една моја визура. Светот во графичката новела ‘Хашиш” изобилува со ситуации кои претставуваат огромен предизивк да бидат преточени во слика или пак графичка новела.
Исто така и фактот дека текстот нема класична наративна линија туку претставува збир на фрагменти- записи или пак дневник што тој го водел додека експериментирал со хашишот. Таквата фрагментирана структура ми даде голем простор за ‘маневрирање’”- вели Ѓорѓе Јовановиќ, визуелен уметник од Скопје.
Изданието е финансирано од Фондацијата Отворено општество – Македонија и Хопс-Опции за здрав живот-Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top