Прогнозите за иднината на канцеларката Ангела Меркел денеска се главна тема во германските медиуми, откако нејзин близок соработник со гласање беше сменет од клучна парламентарна позиција, пренесува ДПА.
Како чин на непослушност членовите на парламентарната група на Христијанскодемократската унија (ЦДУ) на Меркел го отстранија својот шеф Фолкер Каудер. По тој повод таблоидот „Билд“ на својата Интернет страница напиша „Доаѓа крајот на ерата на Меркел“. Весникот цитира политиколог, според кого „тоа бил најтешкиот ден за канцеларката“. Весникот исто така го поставува прашањето дали Ангела Меркел ќе остане долго на функцијата.
Меркел го поддржуваше Каудер, „додека не стана премногу доцна“, пишува во коментар поумерениот дневен весник „Франкфуртер Алгемајне“. Гласањето придонесе таа побрзо да ја загуби власта, стои во текстот.
Многу весници се фокусираат на фактот дека Меркел до крај го поддржуваше нејзиниот пријател Каудер, но не успеа. „Ова не е ништо друго освен знак за смена на епохите. Меркел пропушти шанса да се повлече (со поддршката за Каудер) и стабилен преод повеќе не е можен за неа, пишува главниот коментатор на „Велт“, Жак Шустер.
Во обид ХДЗ да ги минимизира промените, наследникот на Каудер на парламентарната функција Ралф Бринкхаус изјави дека тоа „не е голема драма“. Во изјава за телевизијата Зе-Де-Еф тој ја опиша ротацијата како „зајакнување на Владата и конзервативниот блок“ во Бундестагот и ги нарече „смешни“ повиците на опозициската Слободна демократска партија за гласање недоверба на канцеларката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.