| четврток, 6 декември 2018 |

Анализа на Ди Пресе: Македонската економија е преслаба за да ја финансира трансформацијата од народ до македонска нација

Balkan mapa

Балканските конфликти во последната деценија од 20-тиот век можеа да бидат избегнати на лесен начин, и за тоа не беа потребни никакви специјални мерки. По, се она што се случи, не е важно дали на Балканот живее народ или нација, туку најважно е тоа што поради тие разлики никој веќе не умира, анализира австрискиот весник Die Presse.

Најстрашно од сеќавањата од балканските конфликти во периодот од 1991-2001-ва година, е тоа што можеа да се избегнат. За да се спречат специфичните судири кои настанаа, не беше потребно да се преземат монументално-драматични мерки, туку истите можеа да се избегнат на смешно лесен начин.

Најпрво, случајот со Србија. Ултранационалистите од вчера станаа просветлени прагматичари, главно поради високиот тон на коментари кои доаѓаат од Запад.

Со ограничувањето на јавниот дискурс во Србија од крајот на осумдесеттите, и скоро до крајот на деведесеттите години, не стануваше збор за „српска нација”, туку исклучително за „српски народ”, а прашањето тогаш гласеше „што е добро за народот?”

Денешниот јавен дискурс пак, е обележан со прашањето „Што е добро за Србија”, и во моментот актуелните српски лидери размислуваат за термините национална држава, дипломатски игри и вештини, или грижа за доброто на српските граѓани.

Со тоа што српските политичари се повикуваат на терминологијата „држава-нација”, носат нешто што е најнова мода во цела Европа. Прашањето е зошто ова не беше можно уште пред дваесет и пет години, а тоа ќе беше далеку попаметно, но и неспоредливо поевтино решение.

Друго прашање кое сега се поставува во европската дипломатија, е дали денешните српски политичари се искрени со тоа што доброто на Србија и нејзините граѓани, го ставаат пред доброто на косовските Срби? Или кога изјавуваат дека веќе нема да дозволат народот да ја уценува нацијата? Дека Србија тоа не може да го издржи, а да не се скрши? На ова одговорот е лесен – не е битно она што тие го мислат, се додека тоа сериозно не го спроведуваат.

„Националисти” како Меркел

Со ваквите настани, дури сега актуелниот врв во Србија постанува „националистички”, и тоа од истиот оној тип како што се „националистичките” Франсоа Оланд во Франција или Ангела Меркел во Германија.

Не е ни чудо што српските политичари сега брзаат за да уживаат во пријателската, мултинационална атмосфера во Брисел, која ги носи вистинските карактеристики на една утопија.

Но, ова не е само случај во Србија, туку насекаде во Балканот е отворена нова рунда во играта на националниот идентитет, а картите не се еднакво поделени.

Македонската економија е на пример преслаба за да ја финансира трансформацијата од народ до македонска нација. Словенија од друга страна пак, одамна веќе не е само нација, туку е на пат да го достигне и следното ниво на националниот развој – тоа е државниот банкрот.

Хрватска пак, е приказна сама за себе. Туѓмановиот ХДЗ на почетокот беше националистички, а не наспроти некои анахрони карактеристики, народно движење. Тие беа „народни” по дома, а „националистички” кон надвор.

Десет години по Хрватска

Во меѓувреме Белград доби термин за почеток на пристапните преговори. Да тргнеме од тоа дека процесот ќе се одвива по вообичаената постапка, што значи релативно долго. Кога Србија ќе влезе во Европската унија, Хрватска таму може ќе помине веќе цела деценија како полноправна членка.

Разликата ќе биде огромна, но и тоа е неспоредливо подобра ситуација отколку она што се случува со Босна и Херцеговина. Таму нема ни единствен „народ”, кој под среќни околности би можел да прерасне во „нација”.

ЕУ конечно треба да собере сили, и да погледне во фактите: она што се случува во Босна, не е никаков „националистички сон”, множен по три пати. Муслиманските елити кокетираат со големите светски исламски играчки, српските пак размислуваат практично и прагматично, а хрватските игнорираат се, и само ги интересира погледот кон Загреб.

Ова не мора да значи и крај на творбата БиХ, под услови меѓународната заедница и натаму да ја финансира. Но и покрај тоа, останува идејата дека Босна и Херцеговина нема иднина.

Непредвидливи народи

Косовските Албанци се се’ уште длабоко навлезени во својата народна фаза, а Западот многу брзо, дури и веднаш би сакал да ги види како модерна нација. Единствениот пат за да се постигне истото е доколку се обединат со Албанија, а во спротивно, ќе останат само народ. Народите пак, се непредвидливи, а нациите многу помалку.

После се она што се случи во минатото, останува ирелевантно дали на Балканот живее народ или нација, најважно е дека поради тие разлики веќе никој не умира.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top