| четврток, 6 декември 2018 |

„Антолог“ објави две обновени лектирни изданија од Александар Кујунџиски

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со огромно задоволство најавува дека деновиве излегуваат од печат обновени лектирни изданија на две книги од еден од најреномираните писатели за деца во Македонија – Александар Кујунџиски. Станува збор за книгите „Сакам книга“ и „Природо, љубов моја!“, кои од септември влегуваат во редовната наставна програма како лектири за III, односно за IV одделение. Новите изданија имаат и нов, освежен изглед со илустрациите на Фросина Андревска.

„Сакам книга“ е прекрасен избор од богатото творештво на Александар Кујунџиски. Содржи топли раскази, песни, сказни и драматизации во кои ќе ужива секое дете. Како дел од едицијата „Мозаик“, оваа книга, првпат објавена во 2006 година, досега е преведена на 11 јазици: албански, турски, ромски, влашки/аромански, српски, хрватски, црногорски, босански/бошњачки, словенечки, германски и на англиски јазик.

„Природо, љубов моја!“ е книга што целосно е посветена на природата и на грижата за неа, со која авторот Александар Кујунџиски е комплетно поврзан. Овој голем вљубеник во пишуваниот збор – како негова професија, и во природата – како негова опсесија, донесе и внесе во македонската литература за деца раскошно издание. Ова е четиво со кое треба „да се дружи“ секое дете при своето градење како личност.

Александар Кујунџиски е роден во 1946 година во Пехчево. Основно образование стекнал во родното место, средно образование во Берово и во Куманово, а високо образование на Филозофскиот факултет во Скопје. Живеел во Пехчево, Штип, Берово, Куманово и во Скопје, а работел како хуморист во Радио Скопје, како новинар во Редакцијата за емисии за деца, како уредник на списанието „Ловец“ и како самостоен уметник – писател. Досега објавил над сто книги за деца и млади и десетина за возрасните читатели. Меѓу големиот број изданија со песни, раскази, сказни, басни, романи, сликовници, пиеси, радиодрами, гатанки и брзозборки што овој автор им ги посветил на децата спаѓаат и следниве: „Немирен ден“, „Другарувања“, „Капка по капка – океан“, „И од пиле млеко“, „Кралот Ал Со Крпен Шал“, „Мотошишарка“, „Расцветани сказни“, „Нека патува добрината“, „Театарче Клопотарче“, „Осилки“, „Одлична единица“, „Гатанки-катанки“, „Мои бои“, „Букви-укви-кви“, „Броеви-роеви“, „Зборчиња-изворчиња“, „Гнездо од бетон“, „И строфите растат“, „Штраке-штруке“, „Кој сака да биде космонаут?“, „Слики од детството“, „Глен – Супермен“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top