Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со особено задоволство ги најавува двете книжевни промоции на дела од македонски автори што ќе се одржат во текот на оваа недела. Станува збор за мотивациската книга Инспирирај се за промени од македонската авторка Мила Виклео и збирката лични сведоштва на поранешниот припадник на Службата за безбедност Љубен Конески насловена УБК одблизу.
Книгата Инспирирај се за промени ќе биде промовирана утре, на 21 март, на денот на пролетта и на будењето на природата, во кафулето „Сиеста“ во Скопје, со почеток во 19 часот.
„Секој има своја приказна. Секој има свој пат, со свои предизвици, со угорнини и падови. И мојата е таква, не е права монотона линија. Во животот поминав многу предизвици. Ако ми кажеш дека нешто те боли, те разбирам, ме болеше и мене, многу. Ако ми кажеш дека те отфрлија, те разбирам и знам како ти било. Ако ми кажеш те повредија, те навредија, пак ќе те разберам, и тоа им го дозволив. Ако ми кажеш дека некого изгуби, знам како ти е, и јас изгубив. Знам што е болка, знам што е тага, знам што е отфрленост. Но знам и што е храброст, упорност и борба за подобро јас од тоа што бев вчера. Никогаш не се откажав, се борев на начин на кој знаев. И секогаш во сè давав 100 %“, вели авторката на оваа книга. Книга што ќе направи магични промени во вашиот живот, книга што ќе ви помогне да го откриете вашето скриено богатство, кое лежи во вас и чека на вас… Овој настан е прекрасна можност за сите што сакаат да уживаат во магичните приказни и поуки со Мила Виклео за подобар и посреќен живот.
А в сабота, 24 март, со почеток во 12 часот, во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп ќе биде промовирана книгата УБК одблизу. Промотор ќе биде проф. д-р Цане Мојановски, професор на Факултетот за безбедност, а модераторка на настанот ќе биде писателката Елена Конеска-Светиева.
Книгата е автентична збирка на лични сведоштва и размислувања на Љубен Конески, поранешен висок припадник на Службата за безбедност во времето на СФРЈ и во периодот на самостојна Република Македонија. Оваа книга е прва од ваков формат во независна Македонија, при што претставник на тајната државна служба преку една литераризирана форма го преставува периодот од животот поминат во редовите на оваа често дискутирана и многу табуизирана професија. Во стил што се наоѓа помеѓу сеќавањето и кусиот расказ, Конески јавно проговорува за познати и не толку познати настани и личности од политичкиот и јавниот живот, фрлајќи нов зрак светлина не само на историските процеси туку и на внатрешните состојби на оваа служба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Антолог“ ја најави добитничката на наградата „BookStar“ 2018 : Во Скопје доаѓа Славенка Дракулиќ
-
„Антолог“ објави две обновени лектирни изданија од Александар Кујунџиски
-
„Бележникот на татко ми“ од најтиражниот писател од Холандија – Кадер Абдолах
-
„Антолог“ го објави романот „Просечен индекс на среќата“ која ја доби Наградата за литература на ЕУ за 2015