Атлетико Мадрид прогласи банкрот. Шпанскиот ракометен џин замина во историјата, а згаснувањето го соопшти претседателот на клубот Доминго Диаз де Мера Лозано. Причина се огромните финансиски проблеми, заради кои клубот го напуштија дел од играчите. Сега на „берзата“ ќе се најдат и другите ѕвезди. До лани и нашиот репрезентативец Кирил Лазаров играше за Атлетико, но тој ја смени средината и потпиша договор со Барселона.
Инаку Атлетико Мадрид претрпе промени во 2011 година кога еден од најголемите клубови Сиудад Реал доживеа финансиски крах. Водството се пресели во шпанскиот главен град, каде што најде спонзори, но, според претседателот, „ниту тие ниту помошта од Мадрид не се доволни за спас на клубот“.
Сепак, ова отвора идеална шанса на Металург. Атлетико требаше да игра во фазата по групи во Лигата на шампионите, но сега Металург има најдобар коефициент од сите екипи што ќе конкурираат за испразнетото место.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.