| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба „Од БРАТСТВО И ЕДИНСТВО ’63 до СКОПЈЕ ’63“ во Музеј на град Скопје

На 26 јули (четврток) во 20:00 часот 2018 година, во Музејот на град Скопје ќе биде отворена изложбата „Од БРАТСТВО И ЕДИНСТВО ’63 до СКОПЈЕ 63“, подготвена по повод 55 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје што се случил на 26 јули 1963 година.

Изложбата се подготвува по повод одбележувањето на 55-годишнината од катастрофата.            Темата е сконцентрирана на настаните од историјата на Скопје кои што се случиле веднаш по земјотресот. Првите денови по катастрофата, на 27 јули 1963 година, во градот пристигнале младинците – членови на скопските студентски младински работни бригади кои што во летото 1963, биле на градилиштата ширум Југославија и учествувале во изградбата на автопатот „Братство-единство“. Овие младинци веднаш биле вклучени во спасувањето на граѓаните кои што биле заробени под урнатините, местеле шатори за скопјаните кои што останале без своите домови, учествувале во погребувањето на загинатите, а подоцна учествувале и во изградбата на населбите.

Во орагнизација на Претседателството на ЦК на Сојузот на младината на Југославија, на 5 август во Скопје започнала сојузната младинска акција во настраданото Скопје. Акцијата продолжила до крајот на 1963.

Целта на изложбата е преку текст проследен со автентични фотографии и факсимили од документи од времето на земјотресно и поземјотресно Скопје, да се истакне значајниот миг кога скопските младинци и студентите од цела Македонија, како и младината од цела социјалистичка Југославија, водени од чувството на заедништво и пред сè од човечноста и сочувството за еден град кој доживеал невидена катастрофа, биле едни од првите кои што несебично ја дале својата помош уште во првите денови по катастрофата.

Изложбата ќе биде поставена во Музеј на град Скопје и надвор од зградата, на отворениот простор под источната фасада, во автентичен амбиент во урнатини на старата железничка станица. На отворениот простор ќе биде изведен амбиент на бригадирска населба со шатори, клупи, огниште, знамиња, алат и сл.

Автор на изложбата е Зоја Богдановска, кустос советник историчар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top