Гледаме дека во текот на часови, а не денови, се менуваат позициите и ставовите на Заев, нешто многу пати видено до денес, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев во Отворено студио на Алфа телевизија.
- Пред десетина дена Заев кажа и дека ќе прифати дека задолжителен референдум мора да има, сега гледаме нешто друго. А, продолжува и неговиот потценувачки однос кон граѓаните на оваа држава, затоа што тој токму во гостување на грчка телевизија го кажа прашањето на референдум – изјави Јанушев.
Јанушев додаде дека со договорот со Грција во повеќе наврати има прекршување на Уставот и е делувано спротивно законите.
- Со самиот акт на потпишување од страна на министерот за надворешни работи врз основа на овластување дадено од Владата на Република Македонија, самиот договор е ништовен бидејќи нема легитимација потписникот, бидејќи единствен кој може да потпише ваков тип на договор е претседателот на државата – истакна Јанушев.
Тој потенцираше дека прекршување на Уставот има и во самата содржина каде се предвидуваат измени на Уставот каде што владата ја презема таа обврска во име на државата, а согласно Уставот такви измени прави Собранието и тоа со двотретинско мнозинство.
- Најпрво треба да има двотретинско гласање во Собранието каде што ќе се донесе одлука за да се пристапи кон измена на Уставот, па нацрт амандмани кои исто така треба да се изгласаат и понатака уште еднаш има гласање за измената со двотретинско мнозинство – вели Јанушев.
Јанушев посочи дека власта со обвинувањата дека опозицијата се пазари со амнестијата, се обидува да манипулира со јавноста и да го прикрие она што се случува во позадина на договорот за промена на името, најавениот референдум и сите криминали кои се случуваат во овој период.
Тој додаде дека токму затоа партијата ќе ги преземе сите институционални и демократски средства за да се спречи ова понижување на македонскиот народ и ставање во функција на овој штетен и капитулантски договор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.