| четврток, 6 декември 2018 |

„Антолог“ го објави романот „Просечен индекс на среќата“ која ја доби Наградата за литература на ЕУ за 2015

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави романот „Просечен индекс на среќата“ од португалскиот писател Давид Машадо. Книгата е добитничка на Наградата за литература на Европската Унија за 2015 година. Преводот на македонски е на Ненад Трповски.

Погодено од финансиската криза во Португалија, семејството на Даниел се разделува. Неговата сопруга Марта заедно со децата се отселува кај своите родители. Но Даниел верува дека ќе најде работа и повторно сè ќе биде како порано. Даниел е нараторот што ја пренесува приказната преку имагинарен дијалог со својот пријател Алмодовар. Даниел ги губи и своите хонорарни работни места бидејќи своето време го користи за да им помогне на: Шавиер – агорафобичар што не може да го напушти својот стан, Авила – поранешен професор, малтретиран од средношколска банда, Вашко – синот на Алмодовар, кој постојано запаѓа во неволи. Шавиер има математичка теорија поврзана со среќата и прави секој да се замисли кој е индексот на среќата во неговиот живот. Но има ли среќата нумеричка вредност?

Романот е потрага по она што е навистина важно за да се биде среќен, но и обид да се сфати колку едно срце може да биде големо. Радост, болка, носталгија, песимизам, надеж и љубов, заедно спакувани во книга.

Ни требаат лоши денови за да ги цениме добрите. „Просечен индекс на среќата“ е неверојатно патување до себе.

Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.

Давид Машадо (1978) е португалски писател. Пред целосно да се посвети на пишувањето, студирал економија и менаџмент во Лисабон. Интересот на читателите првично го привлекол како автор на литература за деца. Покрај наградуваните книги за деца, има објавено и неколку романи и збирка раскази. „Просечен индекс на среќата“ е неговата најуспешна книга.

Ненад Трповски (1986) дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрите за италијански и португалски јазик и книжевност во 2009 година. Во периодот помеѓу 2011 и 2013 година живее во Лисабон, Португалија, каде што стекнува вредно директно искуство во португалскиот јазик и култура. Автор е на десетдневна работилница за креативно пишување одржана во Лисабон. Во последните неколку години работи во приватен сектор како консултант на проекти за меѓународен развој. Преведува од италијански и од португалски јазик.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top