Договорот со Грција ќе биде потпишан утре во Псарадес на грчката страна од Преспанското Езеро, по што делегациите од двете земји ќе се упатат во Отешево на македонската страна, каде се предвидени билатерални разговори и свечен ручек, соопшти Владата.
Македонската делегација ќе ја предводи премиерот Зоран Заев, а во нејзин состав се замениците претседатели на Владата, министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, министерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и министерот за надворешни работи Никола Димитров. Во Псарадес тие ќе бидат пречекани од страна на претседателот на грчката влада, Алексис Ципрас и од грчката владина делегација.
Владата соопшти дека потписот на договорот ќе го стават министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, заедно со медијаторот во преговорите, амбасадорот Метју Нимиц, по што свои обраќања ќе имаат премиерите Заев и Ципрас.
За време на целата церемонија, и во двете земји ќе присутсвуваат потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации Розмари Ди Карло, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија и Заменик-претседателка на Европската комисија, Федерика Могерини,и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.