| четврток, 6 декември 2018 |

Воен удар или самади?

galijana-184x115

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Некои тајни учења велат дека „штом бегаш од нешто, значи дека сонуваш“. Големите несреќи од типот на поплави, земјотреси, и друго, се своевидни шокови што имаат за цел да го разбудат човекот од сонот што го сонува денски. И покрај тоа што луѓето мислат дека се „будни“ само затоа што не се во хоризонталата на својот кревет и со сите симптоми на сонување, оваа димензија на постоењето којашто во својата најизбанализирана варијанта ја поистоветуваме со ‘секојдневие‘ е своевиден сон, исто така.

За некого сон, за некого кошмар, за некого шоу.

Или можеби е квиз со неколку прости прашања: кој е големиот брат и каде е екранот на кој се гледаат сите наши потези, сите наши движења, мисли, емоции, намери и најнакрај, во чија продукција?

Се разбира продукциската куќа секогаш сака да остане во сенка, но да не се лажеме, веќе е и повеќе од јасно дека извршниот продуцент наликува на некаков архонт од повисоките светови – ѓавол ќе го знае кои и какви… Прикаската ќе загуби од својата мистична димензија ако целата одговорност се префрли на „department of state“; сепак станува збор за пософистицирано замешателство.

Во прилог на тоа и последната епизода од грандиозната забава типолошки сертирана во датотеката „асанж & пријателите“, кога Сноуден што кармички, што од сопствен каприц заглави по аеродромските терминали, бегајќи од раката на законот и ниту еден од понормалните претседатели на домаќинските држави наоколу не смее да му даде азил плашејќи се дека уште следната седмица ќе мора да се справува со масовни протести на своите, до тој миг мирни и полни со туристи – плоштади. Туристичките агенции коишто минатиот месец ги триеја рацете од уплатените пари за одмор во Шарм Ел Шеик, веќе денес мака мачат со откажаните аранжмани заради неочекуваниот воен удар. Или некој страда од опсесивно дежа ву, или линчот на Гадафи беше штимање на инструментите пред вистинската премиера. Или монтажерот ги побркал датите на снимките.

Но луѓето и понатаму се убедени дека сè што се случува не е наместено.

Ако низ човекот на ден прелетуваат околу 50 000 мисли тогаш е логички прашањето како воопшто може и да прави нешто друго како на пример, да трча, да оди, да зборува, да јаде, да пие, и воопшто да ги задоволува сите свои животни потреби…!? Отприлика тоа се две мисли во секунда на ден! Всушност човекот е втурнат не по своја волја во една таква мислечка машина, што сиромашкиот мора да измислува илјадници најразлични техники за да ја избегне радијацијата на оваа моќна турбина… на далечниот исток, особено за љубителите на (martial arts) боречката уметност, постои една таква окосница на оваа проблематика, којашто гласи отприлика вака: Не мисли, прави! Don’t think, just do it! Но се разбира, постојат онолку правци и школи (и следбеници) колку што постојат начини на толкување – имено, секој е на различен степен на развој и токму од тој степен зависи како ќе се прилагоди кон реченото, или пак, реченото ќе го прилагодува кон себе, а од тоа прилагодување ќе произлезе некое ново школо…

Мислењето е толку опсесивен енергетски процес, што за негово запирање е потребен многу поголем напор отколку за некаква физичка активност. На пример да се исцепат еден кубик дрва. Колку време му требало на Питагора да пресмета дека збирот на квадратите на а и б го даваат квадратот на ц…?  Она што психолозите го нарекуваат присилна неуроза, е всушност само на чекор до генијалноста. Мислите можат да шлајфуваат во место, да не пренесуваат никаква порака, или да се вртат во круг како перпетуум-авто-мобил, со тоа што кај неурозата мислата малку отскокнува од вообичаениот ритам на мислење, и создава еден чкрипав тон што на човекот не му дава мир… Да речеме, од нигде никаде, ви се закачува зборот тој и тој, име или презиме на некој познат фудбалер, и никако да ви се тргне од малото невидливо екранче во умот. Меси, Тојота, Лото, Пушењето убива, Есмералда, Касандра, Ши лалала и т.н. Делото „Улис“ на писателот со ирско потекло Џемс Џојс е најдобар пример за тоа како работи човековата потсвест, оти едно е тоа кога мислите си течат независно од волјата на човекот,  и мислечката машина си меле сè пред себе, а друго е кога човек ќе посака да мисли, па и на крајот да смисли нешто. Тогаш мислите толку многу ја загреваат машината, што таа има само два избора – или да се прегрее, или навреме и своеволно самата да се исклучи за да го спречи прегорувањето. Токму овој момент на нејзино запирање е мигот по кој трагаат научниците, уметниците, а богами и спортистите. Психолозите го нарекуваат Еурека феномен, будистите(хиндуизам) го нарекуваат самади,  христијаните просветление (или рај), јапонците (зен)сатори и т.н.  Во западната медицина најблизу до оваа појава е доживувањето на оргазмот, екстатичен грч на телото во кој човекот сосема на кратко доживува инстант просветление преку чувството на бидувањето едно со универзумот, коешто секогаш завршува побрзо одошто интелектот да успее да се екипира и да го завери доживувањето во својот регистар на концепти.  Екстазата не поднесува преработки; и на јазикот на кој макробиотиката ги третира растителните масла, таа никогаш не е рафинирана, ами секогаш ладно цедена… Ерос и дијалектика! Хаику поетите би рекле „зграпчи го денот“ во капката роса врз нежната латица на цветот – carpe diem.

Уметниците (истото) сакаат да го поистоветат со космичка љубов, некаков непресушен извор на инспирација кој во зависност од нивната опсесија може да биде супституиран во лик на жена, бог, татковина, дете и слично, а квантната физика вели one way or another, дека сè е светлина. И дека постојат само бранови и фрекфенции кои нашиот мозок ги конвертира во СЛИКИ, а тие го создаваат нашиот свет…

Како и да е, нејасно е, како во големото реално шоу што тече на платото на нашава планета од земја, и покрај силниот прогрес на човештвото, некако не престанаа да се одвиваат како во некои паралелни димензии, сценаријата на војни, насилства, и слично? Големите тв куќи вршат директен пренос од воени удари, и не е далеку мигот кога ќе почнат да режираат и свечено отварање на истите, со сечење на црвени ленти, огномети и слични пропратни ефекти, само што на екранот никаде нема да пишува „во живо“, не за да се збуни гледачот, туку за да може самиот да се помачи и да се сети…

Или она што сме го сметале за прогрес е исто така, некаква наместена сцена на која се лажираат научните достигнувања во пакет со нобеловата награда, или, и тоа е обичен мит на кој кога тогаш му доаѓа денот Д… го сакал тоа или не, секој добар мит заслужува уште подобра демитологизација.

Патем речено, Нобел зошто го измислил динамитот? Сигурно не во потрага по нешто како свеќичка на роденденска торта. Во прилог на премавнување на лицемерието, кога ги доделуваат наградите треба барем со илјадниците евра да делат и по некое буренце барут…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top