| четврток, 6 декември 2018 |

ЕУ МИЗЕРИЈА

aco-stankoski.jpg

Колумнист:
Адрапо Спараи

Нашата татковина Македонија уште еден пат беше дисквалификувана од европската агенда за проширување. И фала му на Севишниот што е така. Всушност, фала им на непријателите наши што во својата злоба и кусогледост нè спасуваат од патот на гибелта, од влегувањето низ портите на пеколот кој пополека, но сигурно се шири низ злосреќната конструкција на хипербирократизираната и необолшевичка Европа.

Чудно е како очајникот во целата своја заслепеност не може да се соочи со својата позиција, па во состојба на покајание да се преуми во добрината и толеранцијата, туку и она малку сила што му останала ја искористува за да ги понижува и дискриминира оние што му изгледаат уште помизерни од него самиот. Но, со Македонија и нејзината позиција во меѓународниот политичко-економски поредок, тоа е само навидум.

Додека огромен број од земјите-членки на Европската унија веќе долго време тонат во безизлезот на новиот светски поредок за кој немаат нити соодветни стратегии нити соодветни тактики во целата своја самобендисаност што се должи на старите добри времиња, Македонија предводена од оваа непоколеблива во својот патриотизам владејачка политичка гарнитура, полека, но сигурно излегува од живиот песок на политичко-економската прокоба во која нè втурнаа токму нашите вековни, да не кажам милениумски непријатели уште од самото наше конституирање како независна држава. Но, како што вели библиската мудрост: кој бил горе ќе падне долу (поради возгордеаноста и арогантноста), и кој бил долу ќе се издигне горе (поради скромноста, трпеливоста и верата). Еве сега во овие чудни и за многумина неспокојни времиња ја гледаме оваа библиска мудрост на дело.

Но, ова пророштво уште не е довршено. Да бидеме трпеливи и исполнети со верба, и ќе бидеме сведоци на остварувањето на божјата реч, а нема поголема радост за праведникот од глетката на остварената правда. Сепак, да бидеме на чисто, ние граѓаните на страдалничка низ вековите Македонија не се ситиме на пропаста на непријателите наши, нашата радост треба да произлезе од триумфот на вистината и правдата и падот на злобата и ароганцијата со која еве уште се разматкуваат нашите непријатели пропаднати во стапицата која токму нам ни ја подготвуваа. Да се веселиме во победата на божјата волја исполнета со љубов и милост за угнетените и понижените. Тоа што Македонија не е спомената на последниот самит на ЕУ е подарок од небесата. Што помалку не има во близината на овој политичко-економски пекол, толку подобро за нас.

Нека му ја мислат оние што полека, но сигурно бидуваат вовлекувани во лавиринтите на оваа несреќа, на хипербирократската бездушна творба без конзистентни принципи и без смисла за правичност, во оваа Вулканова топилница на традиционалните европски вредности во кои не мал дел потекнуваат и од Македонија и, наместо оваа новокомпонирана алхемиска работилница да создаде злато од оловото, таа златните дострели на европскиот дух ги претвора во одвратни фекалии на современото европско медиокритетство и игнорантност.

Јас нема да жалам по стаклените перли на европските трговци со души. Нека си ја играат својата садо-мазохистичка игра меѓусебе и со оние искомплексирани и неизживеани општества што го сонуваат сонот за големиот европски гламур, кој еве надоаѓа и носи безброј дарови, а пред сè спас од мизеријата во која се западнати, а во која биле заглавени отсекогаш.

Вакви евтини илузии нам не ни се потребни, посебно што ние сме ставени во крајно деликатна ситуација, која во најмала рака се граничи со парадоксалност. Да се откажеме од нашето вековно достоинство, да ја продадеме нашата вера и нашата доблест за уште поголема мизерија и беда, од која еве со децении се обидуваме да се спасиме е апсурд над апсурдите. Нека не ве поколебаат лажните ветувања на благосостојба и сигурност, тоа никаква ЕУ не може да ви го даде. Оваа состојба се постигнува со мудрост, работа и знаење, па затоа да се наоружаме со овие доблести и да запловиме кон спасоносните простори на божјата благодат, со целиот наш ентузијазам и добрата волја. Да ја издигнеме нашата доверба на највисоко ниво и да почнеме со остварување на нашите возвишени визии.

Заобиколете ги инсинуациите и хушкањата на домашните предавници чија служба за грст евра создава колебливост и ги заслабнува желбите за реализација на нашите идеали за послободна, посигурна и поправедна Република Македонија, чии граѓани ќе уживаат во економските и културните придобивки на нашите работни заложби. Изгонете ги претставниците на петтата колона кои примаат пари за своите дејности што се состојат во ширење дефетизам и илузорни магли, во прикаски што говорат за нашата неспособност и пропаст и, што прават лажни слики за спасоносните усилби на ЕУ наспроти нашата неинформираност и инает да не се покориме, да го предадеме името и идентитетот и да се самоубиеме во лицето на правдата и историјата. Овие исфрустрирани среброљупци и предавници на сопствениот народ нека си ја обработуваат својата агенда попусто, нека заличат на пци што лаат на карванот што си го врви својот пат. Ваквата улога во голема мера и им доликува, и пред бога и пред историјата.

*(Колумните на Адрапо Спараи ќе бидат објавувани секој петок)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top