Триумфот на Рафаел Надал на Ролан Гарос, кој е осми и рекорден, повторно ја поттикна дебатата за супериорноста на спортистите од Шпанија на планетарно ниво, во различни дисциплини, особено во последната петолетка.
На сцена е втората златна ера на шпанскиот спорт, како што велат спортските експерти од Иберискиот Полуостров. Надал е само еден од многуте мускетари во индивидуалните спортови што успешно ги собираат плодовите од планот „Барселона 92“. Тука се и пилотот во Формула 1, Фернандо Алонсо, Алберто Контадор во велосипедизам, цела плејада шпански тенисери предводени од Надал, потоа мотоциклистите Лоренцо, Педроса и многу други.
– Изградивме препознатлив шпански стил на игра во сите спортови. Секоја недела, нов триумф во различен спорт. Планот „Барселона 92“ ги надмина сите очекувања. Влогот во модерни спортски објекти што ги направивме за Олимписките игри во Барселона, промената на начинот на исхрана, развојот на млади таленти и огромните вложувања во спортот апсолутно се исплатеа. Ни донесоа резултати, респект од страна на ривалите и, што е најважно, верба во сопствените квалитети и можности. Шпанија не потфрла веќе на спортски план. Шпанија испорачува трофеи, медали, успеси – вели Сантијаго Сегурола, новинар од шпанска „Марка“.
Повисоки, поснажни, со нов систем на работа, избор и калење млади таленти, Шпанците направија вистинска инвазија од спортски успеси во последните 20 години, кои особено се изразени во новиот милениум.
„El Siglo de Oro“ или втора златна ера на шпанскиот спорт сѐ уште е во тренд во светски рамки.
Фудбал
Токму преку трансформацијата во фудбалот, најважната споредна работа на светот, Шпанците демонстрираа дека се подготвени за пресврт, доминација, победи, трофеи, нешто што го немаа претходно иако квалитетот беше присутен. И со еден блескав фудбалски велемајстор, како Ди Стефано, Пири, Зара, Камачо, Сантилјана, Бутрагењо и цела плејада врвни фудбалери, Шпанија не успеваше да го валоризира талентот и да го преточи во трофеи.
Речиси секогаш меѓу главните фаворити, никогаш на врвот во светот на фудбалот. Само една европска титула во далечната 1964 година беше премалку за спорт што е вистинска религија за темпераментните Иберијци.
– За нас, Англичаните, единствено нешто што е важно е резултатот. Кај Шпанците е поинаку, навивачите бараат спектакл, уметност во фудбалот, мајсторски потези, надигрување, техника и сјај во играта. Порано го имаа сето тоа, но немаа победнички менталитет. Кога ја надминаа тенката линија, резултатите се очигледни. Сега имаат и спектакуларен тим и врвни резултати. Направија одличен спој на убавина и успеси, и затоа се на врвот – вели Џон Хупер, британски спортски експерт и автор на книгата „Новите Шпанци“.
Од одлични мајстори на фудбалската игра, но со кревка самодоверба во сопствените можности и огромна бариера кон задавање завршен удар, Шпанците се претворија во фуриозна фудбалска машинерија, и на репрезентативен и на клупски план. Тие се актуелни светски и европски шампиони, и тоа не само во сениорска конкуренција, туку и во речиси сите младински категории. Планот АДО или популарно познат како „Барселона 92“ му помогна многу и на фудбалот. Никнаа фудбалски академии низ цела Шпанија со најмодерни услови за работа. Селекцијата на фудбалери се прави на поинаков начин, со посовремени методи, што вроди со плод. Брзината и беспрекорната техника на играчите е задржана, а се инсистираше на млади генерации со акцент на сила и на висина.
Со полна пареа работи младинската академија на Барселона, Ла Масија, потоа на Атлетик Билбао, или познатата Лезама, на Валенсија, Реал Сосиедад… И во извонредно направените фудбалски центри во Шпанија лежи еден од клучните фактори на успехот на шпанскиот фудбал. Титулите на „црвената фурија“, доминацијата на Барселона, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид со освоени пехари во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа, не зачудуваат со оглед на инвестициите и макотрпната работа на терен. Шпанците на тие темели ги доградија и клупските имиња, какви што се најбогатите на светот Реал Мадрид и Барселона кои се во топ 5 на светскиот фудбал, но и успесите на репрезентацијата, која е на врвот на светскиот фудбал.
Кошарка и ракомет
Сосема слична е и приказната на кошаркарите и на ракометарите. Во минатото, секогаш фаворити и при врвот, но речиси никогаш на тронот. Но, Летните олимписки игри во 1992 година им понудија шанса на идните генерации, предводени од Пау Гасол, Хуан Карлос Наваро, Хозе Калдерон, потоа на Омбрадос, Агинагалде, Ентрериос…., да го достигнат врвот на светската слава и да се закитат со светски и со европски титули.
Кошаркарите се речиси пресликана приказна со фудбалерите. И порано имаа ѕвезди од калибарот на Сан Епифанио, Корбалан, Брабендер, Солозабал, Вилјакампа, браќата Мартин…, но мораа да ја променат филозофијата на размислување за да освојуваат златни медали.
– Ако барате точна дефиниција што се промени во шпанската кошарка, тогаш точниот израз е дека младите веќе не играат само кошарка, туку учат кошарка. Ја издигнаа кошарката на рамниште на наука. Апсорбираа млади и образовани кадри за да работат со талентите, а и помошта од државата е огромна. Постои цел систем на надзор на развојот на младите кошаркари. Појавувањето на браќата Гасол, на Наваро, на Руди Фернандез и уште многу други екстра-квалитетни кошаркари не е случајно. Тимската и планска работа е клуч на успехот на шпанската кошарка. Им помогна и опасниот пробив на НБА-пазарот. Станаа посилни, побрзи, поотпорни на атлетскиот стил на игра што се практикува во Америка и многу се доближија до тимот од соништата на САД. Имате вистински бум на шпански момчиња од 8 до 14 години, кои постојано играат кошарка низ салите и игралиштата во земјата. Домашната лига им е најдобра во Европа, а имаат и одлична кошаркарска култура, што ја познавам многу добро од времето кога играв кај нив – вели Американецот Дан Грунфелд.
Уживате во најдоброто од целата планета ако сте навивач на Барселона, пишува „Ел Мундо Депортиво“, бидејќи имате привилегија да ги гледате Меси, Чави, Иниеста, Рутенка, Карабатиќ, Наваро и наскоро и Спанулис. И уште една серија врвни асови во сите спортови.
Текстот во ценетиот шпански весник излезе пред ангажманот и на нашиот ракометен ас Кирил Лазаров. И навистина е за уживање, не само ако сте симпатизер на Барселона. Тука се и најтрофејниот спортски колектив на светот, Реал Мадрид, потоа Атлетико Мадрид, Валенсија, па Надал, Ферер, Алонсо, Маркез, Лоренцо, Педроса…
ТЕНИС И ИНДИВИДУАЛНИ СПОРТОВИ
Рафаел Надал е синоним за успех во индивидуалните спортови кај Шпанците, во периодот од втората златна ера, но не е само тој. Тука е и Фернандо Алонсо, најмладиот победник на Формула 1 во историјата и двоен шампион во најбрзиот мотоспорт на планетата. Потоа и велосипедистот Контадор, мотоциклистите Лоренцо, Педроса, па новата надеж Марк Маркез. Малкумина им недостасуваат, а со опасно добриот план „Барселона 92“ одлично беа подготвени стратегии за олимписките спортови.
Тенисот е дел од таа категорија, а тука митот за шпанската доминација се изгради малку поинаку. Сѐ почна со масовна изградба на тениски игралишта само со земјена подлога, а интересно е што постојат неколку различни школи иако се работи за ист вид терен. Валенсија, Барселона, Мадрид се центрите на тенисот во Шпанија, а најдобриот пример, сепак, им доаѓа од Балеарски Острови, од малото место Манакор. Откако беше препознаен неговиот фантастичен талент, челниците на шпанската тениска федерација инсистираа тој да се пресели во Барселона на 14-годишна возраст. Потоа сѐ е познато, а Надал денес е крал на земјените подлоги, со рекордни осум титули на престижниот Ролан Гарос. Такво достигнување на ист гранслем-турнир нема ниту еден друг тенисер во историјата на играта, а Рафа е жива легенда во Париз. Рекордер е со 59 победи и само еден пораз, и тоа од Робин Содерлинг во 2009 година.
Интересен момент е што Шпанците многу итро се приспособуваат на промените, дури и ги диктираат, што е случај и во колективните и во индивидуалните спортови. Тие се авангарда во многу сегменти на светскиот спорт. Одличен пример е и тенисот. Откако забележаа дека Американците, кои се многу влијателни во тенисот, притискаат сѐ повеќе да се игра на побрзи подлоги, што апсолутно одговара на нивната стратегија, Шпанците одговорија на предизвикот.
Надал, Ферер, Алмагро, Лопез и останатите фуриозни момци, од специјалисти за игра на земја лесно се приспособија на игра на побрзи подлоги и станаа опасни ривали за конкурентите. Кој можеше да замисли дека Надал ќе освои титула на Вимблдон, во клубот „Ол Ингланд“, комплекс со терени со трева. Шпанец носител на круна на лондонскиот гранслем. Со добра стратегија и невозможното станува реалност, па и Надал го победи кралот на Вимблдон, Роже Федерер, кој има седум титули во Лондон.
Јаник Ноа: Успехот на Шпанците е со помош на допингот
– Ако нема магична порција од стимуланси, не се победува во модерниот спорт. Како може една нација преку ноќ да стане толку доминантна, вели Јаник Ноа, легендарниот француски тенисер. Тој директно ги обвини шпанските спортисти дека користат недозволени стимуланси и дека тоа е темел на нивните успеси.
– Да ја сопреме хипокризијата и да не се лажеме. Најдобро е да не се криеме и да не дозволиме да доминира допингот, и тоа кришум. Подобро е да го легализираме користењето стимуланси отколку да нѐ лажат. Шпанците си имаат свои херои и ги штитат со своите приказни, но ние не сме деца и знаеме што се случува – остар е Ноа.
Шпанците веднаш ги демантираа неговите тврдења, па се крена врева околу минатото на францускиот тенисер. Шпанците го обвинија Ноа дека измислува и му порачаа да ја следи кариерата на синот Жоаким Ноа, кој игра во Чикаго булс. Пораката е јасна – Ноа Сениор треба да внимава на тоа дали неговиот син користи недозволени стимуланси.
Подготви: Зоран Поповски
(објавено во 41. број на неделникот „Република“, 14.06.2013)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Трагична вест од Шпанија: Ракометари на Гранољерс загинаа во сообраќајна несреќа
-
Од 100 до 750 евра казна за оваа лудост: Погледнете што прават туристите во Шпанија
-
Брод со 48 туристи се запали во Шпанија (ФОТО)
-
„Нон пејпер“ од Шпанија: Стоп за влегувањето на Косово во ЕУ, тие не се дел од проширувањето