Никола Србов
Информациите кои пристигнаа од Европската Унија и од поединечни земји членки на Унијата, нотирани во нон пејпер, кои претходно беа навестувани и од наша страна објавувани, сега и црно на бело ја разголија аматерската политика на власта која решила да им прави „локални фори“ на земјите од ЕУ и НАТО. Ваква политика и вакви „фори“ можат да минат само кај еден мал дел од граѓаните и тоа тука локално, евентуално до Сремска Митровица, погоре не минува ваква маалска политика.
Замислата на Заев да води политика со која ќе прифати апсолутно сѐ што ќе пристигне од јужниот сосед а за возврат од меѓународната да биде „оставен на раат“ да прави личен пашалук од Македонија очигледно не минува кај земјите членки на Унијата и кај самата ЕУ.
Документот кој протече во јавност, а во кој е нотирано несогласувањето на земји членки за старт на преговорите со Република Македонија, на македонските граѓани им упатува недвосмислена порака дека Европската Унија не ја интересира распродавањето на националните интереси од страна на Заев ниту пак бараат од него да се откажува од уставното име и од идентитетот на својот народ. Напротив, со ваквата политика им наликува на несериозен политичар, а Унијата не баш милува да соработува со несериозни политичари полни со итроштини. Исто како што ЕУ не бараше да се воведува двојазичност во Македонија, за што Заев беше и опоменат од Унијата за злоупотреба, сепак, за локални потреби со маалска локална политика се воведе закон за кој не се свесни какви последици ќе остави зад себе.
Едноставно, ни ЕУ ни НАТО не бараат, ниту пак некогаш побарале, од нас да си го промениме уставното име и идентитетот, тоа од нас го бара Грција. Европската Унија ја интересира корупцијата која владее во Република Македонија, ја интересира рекетот кој царува, партизираноста на институциите, ја интересира правосудниот систем кој е фрлен на колена, селективната правда и политичкиот прогон. Унијата ја интересира имплементацијата на реформите во Република Македонија, имплементација која премиерот не може да ја избегне или затскрие со распродавање на уставното име и идентитетот или со реферати при пресуди кои наликуваат на партиски говори во кампања.
Во склоп на нивото на владинава политика спаѓа и одговорот на Владата за документот и неговата тежина, одговорот беше, парафразирам „тоа се само неколку земји, апсолутно небитни“. Точно, во политика со локал маалски манири Франција е апсолутно „небитна“ држава.
Друга интересна работа е фактот дека владата, предводена од партијата која имаше екстремно силна црна кампања против ВМРО ДПМНЕ опишувајќи ја за „антизападна“ партија, нема поставено амбасадори во клучни држави во Западна Европа како: Франција, Холандија, Белгија и Данска. Не знам зошто премиерот Заев толку го фатил на заб „евроскептикот“ Макрон, па кај државата му ја прогласува за „небитна“ па уште ни амбасадор не му испраќа, нејсе, сигурно е некаква „стратегија“ за држење во неизвесност на францускиот претседател.
За очекување е, после ваквите шлаканици од Унијата (овие не се „нарачани“ но се вистинити) премиерот Заев да започне да практицира остра реторика за спротот со името откако нема да добиеме преговори со Унијата, пишував и претходно – тек тогаш ќе гледаме патетики за „македонските жици“. По недобивањето на преговори заради неспроведените реформи ќе следи целосна изолација на државата и обид за монтирање на личен пашалук.
И повторно ќе прашам, кој тоа не стави во група со Албанија и зошто нашите интеграции сега ќе зависат од друга држава? Нема да давам мислење, ќе бидам обвинет за „фобство“ или „манија“.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.