За уставни измени и ерга омнес решение потребна е смела одлука од Заев. Грчката владејачка партија СИРИЗА се крсти во македонскиот премиер, кој требало да попушти за овие две круцијални точки, доколку сака да се постигне договор. Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос во интервју за грчкото радио „Њуз247“ вели дека решението е многу блиску, оние 100 метри за кои зборувал Заев во Софија сега се веќе само 50, но грчките црвени линии се непроменливи и без нив нема договор, а нема ниту пакет.
– Всушност, во овој момент тежината за постигнување договор е навистина кај другата страна. Потребна е смела одлука од страна на премиерот Заев за двете прашања за кои имаме дискутирано, за уставни измени во врска со името и прифаќање на ерга омнес решение. Се наоѓаме многу блиску до решение. Но, треба да имаме на ум дека се уште немаме договор, ништо не е договорено, сѐ додека не се договори сѐ – истакна Јоргос Катругалос во интервјуто за грчкото радио.
Во меѓувреме опозициската Нова Демократија, која има голема предност пред Сириза во сите анкети пред изборите, ја предупреди Владата да не дава однапред зелено светло за интеграција на Скопје во НАТО и ЕУ. Портпаролката на партијата, Марија Спираки, коментирајќи ги последните натписи во грчките медиуми за етапна имплементација на евентуалниот договор, предупредува дека „грчкиот премиер е подготвен за компромис“ кој не смее да го направи.
-Нова демократија ја предупредува владата да не се согласи однапред за било каков договор што ќе му дава на Скопје датум за почеток на преговорите за интеграција во Европската унија и зелено светло за членство во НАТО. Незамисливо е Грција однапред да го предаде преговарачкото оружје што го поседува и да очекува во иднина усогласување на рати од страна на нашата соседна земја, вели Спираки.
Претходно лидерот на партијата и извесен иден грчки премиер Кирјакос Мицотакис рече дека Грција две децении живее со овој проблем, па би можела со истиот да живее уште две или три години, а ќе го реши тогаш кога ќе им одговара на грчките национални интереси.
Против решение со име во кое ќе биде вклучен зборот Македонија, во неколку грчки градови на шести јуни повторно се закажани масовни протести, слични на оние пред неколку месеци во Солун и Атина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.