| четврток, 6 декември 2018 |

ЕУ перспективата за Македонија е врел костен за коалицијата на Меркел

ЕУ-шефовите на крајот на јуни одлучуваат за преговорите на Македонија и Албанија за приклучување. Меркел ќе мора да се помачи за консензус. Притоа, нејзината сопствена коалиција е поделена по ова прашање, пишува „Велт“.
Прашањето дали да се почнат преговори за ЕУ-приклучување со Тирана и Скопје е пикантно за големата коалиција (во Берлин, н.з.), дотолку повеќе што европската политика на црно-црвената влада нема вистински полет, пишува денеска весникот „Велт“ во текстот со наслов „Чувствително прашање за коалицијата на Меркел“. Потсетувајќи дека Европскиот совет на 28/29 јуни треба да заземе став околу предлогот на Европската Комисија и дека во одделни земји членки на ЕУ има задршки околу почетокот на преговори за ЕУ-интеграција, истовремено наведувајќи дека имиџот на Албанија во делови од ЕУ е лош, „Велт“ пишува:

„Едни велат дека не е паметно пред еврпските избори во мај 2019 година, Европејците да се конфронтираат со, главно непопуларното, проширување. Други аргументираат дека на Албанија и Македонија би морало да им се отвори перспектива. Токму таквиот став се отсликува во пратеничките групи на владеачките партии, иако тие сѐ уште не се позиционирале официјално. Канцеларката Ангела Меркел (ЦДУ) досега не оставаше простор за насетување на нејзиниот став, но веројатно прави напори пред сѐ за консензус со Париз. Дотолку повпечатливо е што Меркел неодамна невообичаено јасно го отфрли ставот на ЕК, според кој приклучување на Србија, Македонија и Албанија би било можно до 2025 година.’Немам никакво мислење што се однесува до тој термин’, рече канцеларката. Во германската влада знаат колку ЕУ е во дефанзива поради Брегзит и новата популистичка влада во Италија. Има лоши сеќавања од пребрзиот прием на Бугарија и Романија. Оттука, резултатот од самитот на шефовите на држави или влади на ЕУ би можел да биде моделот ‘Да, но…’, кој ќе игра на време, односно во случај на потреба би имал за цел почеток на преговори по европските избори. “

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top