| четврток, 6 декември 2018 |

Велешкиот театар со „Волшебникот од Оз“ на фестивал во Бугарија

Во четврток, на 17-ти мај, Театарот „Јордан Х.К-Џинот“, Велес ќе настапи на Интернационалниот театарски фестивал на претстави за деца „Волшебната завеса“ во Трговиште, Бугарија со претставата за деца „Волшебникот од Оз“ од Л.Френк Баум, во драматизација на Катерина Момева, а во режија на Александар Ивановски.

„Волшебникот од Оз“ е претстава за деца базирана врз ликовите од детската книга „Прекрасниот волшебник од Оз” на Л. Френк Баум, според која е направен и светски познатиот филмски мјузикл од 1939 година. Претставата ја раскажува авантурата на девојчето Дороти кое од својот роден Канзас залутува во волшебната земја од приказните наречена Оз. Сакајќи да се врати дома, по патот што води до големиот волшебник, Дороти ги запознава своите идни пријатели страшилото, лимениот дрвосечач и лавот. Заедно со нив успева да ги совлада сите пречки поставени од лошата вештерка од Запад. „Волшебникот од Оз“ е претстава за универзалните човечки особини, како што се мудроста, способноста да се сака и храброста.

Сценографијата за претставата е на Филип Коруновски, костимографијата на Катерина Чукниева, а во неа настапуваат актерите Талија Настова, Фаик Мефаилоски, Васил Зафирчев, Марија Стефановска, Александар Велјановски, Маја Љутков, Кети Борисовска и Драгана Босниќ

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top