| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на поетската книга „Влакно на јазикот“ од Тихомир Јанчовски во Клуб МКЦ

Во четврток 26,04,2018, во 21:00 часот, во Клуб МКЦ ќе биде промовирана најновата поетска книга на Тихомир Јанчовски „Влакно на јазикот“.

Промотор е Душко Крстевски
Водител е Ѓоко Здравески
Стихови ќе читаат: промоторот, водителот, авторот, Ненад Јолдески, Митко Гогов и Владимир Лукаш. И други.

Промоцијата ќе ја отвори Сања Пановска Миланова, со нејзиниот хор од 30 души.

Од предговорот на авторот:

Речиси сѐ останато во книгата е напишано во Скопје. Мојот град. Таму сум роден, таму живеам, не знам дали таму и ќе завршам, но сѐ што му се случува нему ме допира и мене. Сакал-не сакал, така е. 43 години живеам на Ленинова 65. Скопските лета и зими, скопските улици и згради, контејнерите и излозите, скопскиот шарм и смрдеа, скопските луѓе  и изроди… се фонот врз кој се развива сета рефлексивност на напишаното.

Душко Крстевски:

„Оваа збирка е без „влакна на јазикот“, како и самиот нејзин автор кој во повеќе наврати не заборава да нè потсети дека е „тумрук човек“. Тихомир Јанчовски веќе дваесет години одвреме-навреме објавува песни и ни мава шамари наместо “reality check”, за да не заборавиме да си простиме, да се цениме и да си помагаме. Затоа што и поезијата не е убава ако е пренакитена со метафори и симболи. Убава е ако умее да нè коригира, да нè дополни, да ни биде протеза за тоа што го немаме.“

Оливера Ќорвезироска:

„Истата онаа раска во окото што нѐ глочка додека ја читаме поезијата на Тихомир Јанчовски, еве ја престорена во „Влакно на јазикот“ што нѐ скокотка да (не) го кажеме или да (не) го премолчиме грдиот, непоетичен свет околу нас. Оддалечувајќи се од вообичаените поетски практики, Јанчовски само се приближува до сопствената поетска особеност и овој растојаниски парадокс станува сѐ појасен и понепобитен факт со секоја негова нова книга. Мошне трезна и мошне будна поезија за сето пијанство на нашево заспано време.“

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top