Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и премиерот на Република Косово Рамуш Харадинај за време на „Дигиталниот Самит на Западен Балкан“ на кој учествуваа во претпладневната сесија, имаа средба на која изразија заедничко задоволство од актуелните меѓусебни односи меѓу двете земји.
За време на разговорот беше оценето дека „Дигиталниот самит на Западен Балкан“ како настан кој претставува ново поглавје за дополнително интензивирање на регионалната соработка е израз на квалитетно динамизирање на иницијативата „Берлински процес“ и импулс за нов придонес за Самитот на ЕУ за Западен Балкан што ќе се одржи во текот на месец мај во Софија, Република Бугарија.
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, и премиерот на Косово Рамуш Харадинај разговараа и за Извештајот на Европската Комисија за земјите од Западен Балкан, и се согласија дека извештаите се реални и охрабрувачки. Двајцата соговорници се согласија дека сега останува на земјите од регионот да продолжат со реформите со поголема инклузивност за посеопфатна реализација на сите препораки во процесот на евроинтеграција.
Премиерите Заев и Харадинај споделија заеднички став дека и Република Македонија и Република Косово делат заеднички вредности и работат на посветено на заедничката иднина. Во таа насока оценија дека за преобразување на билатералните односи во регионот се добредојдени храбри и лидерски чекори кои пред себе ја имаат иднината, а не минатото.
На средбата тема на разговор беше и зајакнувањето на трговската размена и новите можности за економска соработка низ конкретни заеднички проекти како што е отворањето на one-stop-shop гранични премини, како и на заеднички иницијативи за некои прекугранични инфраструктурни проекти.
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, и премиерот на Косово Рамуш Харадинај споделија информации и реализацијата на автопатот Скопје-Блаце, за кој се привршува проектната документација и на кој ќе започне да се работи интензивно од септември оваа година, додека работите на автопатот од косовска страна се во завршна фаза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.