Не се очекуваат значителни оштетувања на родот кај овошките, иако снежниот бран кој ја зафати Македонија ги затекна во фаза на полно цветање.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираат дека издржливоста на овошките на ниски температури се движи од -2 до -3 степени и оти остварените температури биле во овие граници.
– Најниски температури се очекуваат во недела кога, во утринските часови температурите би се спуштиле до -4 степени. Бидејќи овие температури се блиску до границите на издржливот, може да предизвикаат само проретчување на родот, но не и негово оштетување, велат од ресорното Министерство.
Досега, во подрачните канцеларии на Министерството за земјоделство нема пријавено штети од ниските температури од страна на земјоделците.
Според прогнозата од Управата за хидрометеоролшки работи на почетокот на следната недела се очекува променливо време со повремени врнежи од дожд и позитивни утрински температури. Во пораст ќе бидат и дневните температури. Во втората половина од неделата се очекува стабилизирање и пораст на дневните температури и до 20 степени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.