| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на деби албумот „Краток албум за двајца“ на Телемама и Пиколомини (видео)

В сабота, на 24 април, со почеток во 21.00 часот во кафе бар Винил ќе се одржи слушачка промоција на деби албумот на Телемама и Пиколомини со наслов „Краток албум за двајца“, како издание за независниот музички издавач – Шарла Рекордс.

Телемама и Пиколомини се соло артисти со веќе неколку албумски изданија зад себе, кои ги афирмираа, како на македонската, така и на регионалната независна музичка сцена. Оваа нивна албумска соработка доаѓа по супер успешниот сингл „Аника“ кој излезе минатото лето и кој не само што ги освои срцата на домашната публика, туку доживеа и солиден интернационален успех. Легендарното њујоршко радио WFMUја вклучи во својот програм, следено од неколку канадски инди радио станици, европски независни музички портали, а во некогашните југословенски простори беше еден од хитовите за 2017 година.

Краток албум за двајца е мини колекција од 7 композиции напишани од Давид Ангелевски и Драгана Заревска и е обид да се изгради музичко-тематски контекст околу Аника. Се работи за лирски топол и автентичен израз составен од различни музички стилови во кои се слеваат мали приказни, околности и ликови кои припаѓаат на нашето секојдневие, овде и сега. Уникатниот глас на Драгана Заревска повеќе од успешно го води слушателот низ овие за нив досега неистражени музички територии.

Комплетната авторска и продукциска работа, дизајн и подготовка се дело на Давид Ангелевски и Драгана Заревска.

Албумот ќе биде објавен како дигипак ЦД издание достапно во ограничен број копии во сабота, а од наредната недела ќе може да се преземе дигитално од бендкемп профилот на Шарла Рекордс:sharla.bandcamp.com

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top