| четврток, 6 декември 2018 |

Владата во Грција: Чекориме по позитивен пат за името

Лидерот на грчката опозициска партија говореше за грчката надворешна политика и прашањето за името во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон. Во однос на преговорите за името објасни дека македонската Влада е отворена за компромис, а ги повтори и позициите на Нова демократија за „пакет решение што ќе вклучува уставни промени и решавање на прашањата за идентитетот и иредентизмот“

Можам јасно да кажам дека во овој момент чекориме по еден доста позитивен пат, вели портпаролот на грчката Влада Димитрис Ѕанакопулос и додава дека преговорите за името продолжуваат со интензивен ритам.

На денешниот брифинг со новинарите, Ѕанакопулос рече дека нацрт спогодбата ја разработува грчкото МНР, а набргу е планирана посета на шефот на дипломатијата Никос Коѕијас на Скопје. Сепак, тој не го откри конкретниот датум, велејќи дека тоа ќе го соопшти грчкото МНР.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, портпаролот на грчката Влада, уште еднаш ги повтори позициите на Грција во разговорите за името.

– Позицијата на грчката Влада е сложено име, ерга омнес, за севкупна употреба. Што значи тоа? Дека е потребна уставна ревизија за да можеме да стигнеме до заемно прифатливо и одржливо решение. Уставната ревизија ќе се однесува и на името, но веројатно и на иредентистичките позиции што се вклучени во Уставот на соседот. Но, ова се прашања што ќе се решат за време на преговорите, преговори кои јасно е дека ќе завршат со еден Меѓународен договор, бидејќи говориме за договор меѓу две независни држави – рече портпаролот на грчката Влада.

Ѕанакопулос, на денешниот брифинг, упати остри критики до лидерот на опозициската Нова демократија, Киријакос Мицотакис, меѓу другото и за ставовите за прашањето за името. Смета дека изразените ставови при вчерашниот говор во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон се различни и контрадикторни од оние што Мицотакис ги има во Грција.

– Мицотакис вчера повторно изјави дека прашањата со идентитетот и иредентизмот се поважни од прашањето за името, а не ја повтори неговата позиција за изнаоѓање решение во други услови, признавајќи дека денешната влада кај соседот е позитивна за компромис – рече Ѕанакопулос.

Тој додаде дека Мицотакис во Грција се појавува „како опашка на радикалната десница, отфрлајќи секаков разговор за прашањето за името, додека пак во САД се срами за позициите кои ги изразува во земјата“.

Воедно, владиниот портпарол од претседателот на Нова демократија побара одговори на прашања, поврзани и со разговорите за името.

– Дали поддржува решение со сложено име што ќе го вклучи терминот Македонија? Да или не? Дали господинот Мицотакис смета дека околностите се соодветни за заемно прифатливо решение или смета дека прашањето треба да се префрли за некое друго непознато време? И на крај, дали Владата правилно направи што одбра да го забрза процесот на преговори за изнаоѓање решение во овој временски момент – го прашува Ѕанакопулос, Мицотакис.

Лидерот на грчката опозициска партија говореше за грчката надворешна политика и прашањето за името во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон. Во однос на преговорите за името објасни дека македонската Влада е отворена за компромис, а ги повтори и позициите на Нова демократија за „пакет решение што ќе вклучува уставни промени и решавање на прашањата за идентитетот и иредентизмот“.

– Овие прашања понекогаш се и поважни отколку прашањето со името – потенцираше Мицотакис.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top