Ода за создавањето на уметничко дело. Така е најавена новата премиера на Македонскиот народен театар (МНТ) „Госпоѓиците од Авињон“, која е закажана за вечерва, 21 февруари, во 20 часот на малата сцена. Оваа претстава не бара да биде разбрана, туку почувствувана, вели за неа авторот на текстот Сашо Димоски. Режијата е на Ненад Витанов.
Димоски во текстот ја деконструирал познатата слика „Госпоѓиците од Авињон“ на која се претставени пет куртизани од Барселона, а во драмата тоа се петте жени-музи што го инспирирале Пикасо: Дора Мар (Софиа Насевска-Трифуновска); Олга Коклова (Искра Ветерова); Франсоаз Жило (Гордана Ендровска); Мари-Терез Валтер (Ана Стојановска) и Ева Гуел (Звездана Ангеловска).
Сценографијата за „Госпоѓиците од Авињон“ е на Филип Витанов, костимограф е Тања Кокев, а композитор на музиката Калиопи Букле.
Режисерот Ненад Витанов вели дека претставата е жанровски измешана, со исечоци од животот на Пабло Пикасо и неговите љубови кои се и негови музи.
– Иако по форма е камерна, претставата е естетизиран и тежок креативен процес – истакна Витанов.
Авторот Димоски смета дека се обидел да го пронајде она што него го провицира да пишува – да се отиде чекор понатаму во осознавањето на себеси.
Васил Зафирчев ќе го игра ликот на славниот шпански сликар. За текстот рече е почеток на постдрамски театар кај нас.
– Тој е реакција на модерната и постмодерната. За мене беше најпровокативно како приказната од текстот да се пренесе на минималистички, едноставен и сугестибилен начин. Оваа претстава најсетилно ќе комуницира со публиката без оглед на нивното предзнаење на постдрамските форми на театарот и на биографиите на Пикасо и на петте жени што имаат значајно место во неговиот живот – рече Зафирчев.
Овие пет биографии на пет исклучителни жени кои едновремено биле музи и уметност сама за себе, биле дел од истражувачкиот процес додека Димоски работел на подготовката на текстот.
– Оваа претстава не бара да биде разбрана, туку почувствувана – рече Димоски и очекува дека таа ќе значи пробив на нов пристап во театарот што ќе го замени фабуларно-наративниот.
За актерките кои ги играат петте музи на Пикасо претставата е меланхолична и не е значајна само како приказна за уметноста, инспирацијата, љубовта.., туку и како нивни актерски предизвик – ново искуство во пристапот преку кој и публиката емотивно ќе се препознае во судбините на ликовите. Текстот, според нив, е исклучително тежок да се пренесе на сцената – збиен и продорен, со кратки реплики и без наративни делови.
– Тие жени, секоја сама за себе се талентирани, но не се Пикасо. Ова е исклучително тежок материјал за да се пренесе на сцена, бидејќи нема описни, наративни делови – рече Ветерова која го толкува ликот на Олга Коклева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.