„Госпоѓиците од Авињон“, новата премиера на малата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) која е закажана за 21 февраури во 20 часот е претстава – ода за создавањето на уметничко дело која не бара да биде разбрана, туку почувствувана.
Вака екипата ја најави „Госпоѓиците од Авињон“ по текст на Сашо Димоски и во режија на Ненад Витанов.
Димоски во текстот ја деконструирал познатата слика „Госпоѓиците од Авињон“ на која се претставени пет куртизани од Барселона, а во драмата тоа се петте жени-музи што го инспирирале Пикасо: Дора Мар (Софиа Насевска-Трифуновска); Олга Коклова (Искра Ветерова); Франсоаз Жило (Гордана Ендровска); Мари-Терез Валтер (Ана Стојановска) и Ева Гуел (Звездана Ангеловска).
– Тие жени, секоја сама за себе се талентирани, но не се Пикасо – рече актерката Ветерова, која објасни дека кога првпат го добила текстот била потресена.
– Ова е исклучително тежок материјал за да се пренесе на сцена, бидејќи нема описни, наративни делови – рече Ветерова која го толкува ликот на Олга Коклева.
Авторот Димоски на прес-конференција денеска рече дека се обидел да го пронајде она што него го провицира да пишува – да се отиде чекор понатаму во осознавањето на себеси.
– Овие пет биографии на пет исклучителни жени кои едновремено биле музи и уметност сама за себе, беа дел од мојот истражувачки процес додека работев на подготовката на текстот. Оваа претстава не бара да биде разбрана, туку почувствувана, рече Димоски и очекува дека таа ќе значи пробив на нов пристап во театарот што ќе го замени фабуларно-наративниот.
Режисерот Ненад Витанов соопшти дека претставата е жанровски измешана, со исечоци од животот на Пабло Пикасо и неговите љубови кои се и негови музи.
– Иако по форма е камерна, претставата е естетизиран и тежок креативен процес, истакна Витанов.
Васил Зафирчев ќе го игра ликот на славниот шпански сликар. За текстот рече е почеток на постдрамски театар кај нас.
– Тој е реакција на модерната и постмодерната. За мене беше најпровокативно како приказната од текстот да се пренесе на минималистички, едноставен и сугестибилен начин. Оваа претстава најсетилно ќе комуницира со публиката без оглед на нивното предзнаење на постдрамските форми на театарот и на биографиите на Пикасо и на петте жени што имаат значајно место во неговиот живот, рече Зафирчев.
За актерките кои ги играат петте музи на Пикасо претставата е меланхолична и не е значајна само како приказна за уметноста, инспирацијата, љубовта.., туку и како нивни актерски предизвик – ново искуство во пристапот преку кој и публиката емотивно ќе се препознае во судбините на ликовите. Текстот, според нив, е исклучително тежок да се пренесе на сцената – збиен и продорен, со кратки реплики и без наративни делови.
Сценографијата за „Госпоѓиците од Авињон“ е на Филип Витанов, костимограф е Тања Кокев, композитор на музиката Калиопи Букле.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.