Синоќа на малата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) премиерно беше изведена претставата „Госпоѓиците од Авињон“ на авторот Сашо Димоски, а во режија на Ненад Витанов.
„Госпоѓиците од Авињон“ е драмски текст за еден маж, пет жени и едн мув што има цел да ги отпетли сите заплеткани приказни поврзани со култниот автор Пабло Пикасо и неговото славно уметничкото дело „Госпоѓиците од Авињон“, а притоа да му даде почит и да го постави на едно ново, поинакво ниво на толкување и рецепција.
Ликовите на музите на Пикасо во претставата ги играат Софиа Насевска-Трифуновска, како Дора Маар, Искра Ветерова (Олга Коклова), Гордана Ендровска (Франсоаз Жило), Ана Стојановска (Мари-Терез Валтер), Звездана Ангеловска (Ева Гуел) и Васил Зафирчев (ликови без важни својства, но и на Пикасо).
Во подготовката на претставата учествуваа и продуцентот Симона Угриновска, инспициентот Александар Рајковски, светло – мајсторите Игор Ѓеоргиев и Игор Митревски, тон-мајсторот Александар Арсиќ, видео операторот Александар Тасевски, раководител на работилници е Татјана Блажевска – Христоска, вајари се Ангелчо Петровски и Дарко Базерко, лектор на текстот е Тодорка Балова, суфлер е Зорица Благоевска, гардеробери се Светлана Апостолска и Скендер Бериша, реквизитер е Златан Бојковиќ, додека шминкери и фризери се Бранка Пљачковска и Моника Грковска.
Петте жени на Пикасо, како што ги дефинира авторот Димоски, невротичната Дора Маар, единствената сопруга Олга Коклова, Франсоаз Жило, која е во потрага по љубовта, мајката Мари -Терез Валтер и енигмата со матен поглед Ева Гуел, заедно со мувата која непрестајно зуи, создаваат претстава што има за цел да ја осветли сликата одвнатре преку составувањето на интимните, лични приказни на секоја од жените во неа.
Во 1907 година, славниот Пикасо ја насликал уште пославната „Госпоѓици од Авињон“, слика за која многу историчари тврдат дека ја обележила граница помеѓу минатото и иднината. Ова уметничко дело, кое шпанскиот имигрант тогаш ја создал во Париз, во мало ателје на Монмартр, сведочи за едно од најзначајните ремек-дела на модерната уметност, кое денес се чува во Музејот на модерната уметност во Њујорк.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.