Седумнаесеттото издание на „Зимски салон“, врвната изложба на дела од автори од Македонија и странство ќе биде отворена вечерва (16ти февруари, петок), во Чифте Амам со почеток во 20 часот. Годинешната зададена тема на која се работени делата е Спректрални места и има за цел да ги обедини аспектите на разбирање, а просторот да го претстави како физичка местоположба.
Селектор на годинешната програма е српскиот историчар на уметност Никола Шуица, кој избра повеќе од 70 дела од домашни и странски автори кои ќе бидат изложени. Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ, Исмет Рамиќевиќ, Тања Балаќ, Ангел Миов, Ирена Паскали, Катерина Таневска, Филип Фидановски и многу други автори од земјава, како и автори од странство меѓу кои Дерек Огбурн од Велика Британија, Андреа Иса од Германија, Иштван Хоркаи од Унгарија, Мерцедес Братош од Хрватска, Марија Ќалиќ од Србија и други.
-Поставувајќи го фокусот на психолошки, веќе доживеани но и провокативни резултати, оваа селекција ги обединува и им дава важност на различните аспекти и пристапи во дефинирањето на местоположбата, локацијата, реалниот и имагинарниот простор, како константен предизвик на уметничко ниво, не дискутирајќи за вистината на истото, кој секогаш ќе биде предмет на поединечни сензуални изразувања, вели селекторот на програмата за 17тиот Зимски салон, Никола Шуица.
-На изложбата доловени се временско-просторни јазли, кои наликуваат на сликовити поглавја, давајќи го фокусот на визуелната и уметничката сугестија насочена кон ориентационите, сензуалните и различните искуства на современите креатори, како во Македонија, така и во регионот, дополнува организаторот Христијан Санев, Претседател на ДЛУМ.
И оваа година еден од авторите ќе ја добие Гран –При наградата, престој во атељето на „Citè des Arts“ во Париз, што ја овозможува Министерството за култура на Република Македонија.
Зимскиот Салон е во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија и во соработка со Национална Галерија на Република Македонија. На отворањето ќе бидат присутни претставници на дипломатскиот кор како и претставници од Министерство за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.