| четврток, 6 декември 2018 |

„Невидени“-берлинските колажи на Јован Балов во Отворено графичко студио

Изложбата под наслов „Невидени“ на македонскиот уметник Јован Балов, од утре (16 февруари) до 10 март, ќе се одржи во Отвореното графичко студио во Скопје.

Станува збор за „своевиден дневник, интимен запис за едно време во кое страсно ги впивал импресиите од актуелната берлинска уметничка и културна сцена“. Невидени е изложба на колажи работени во периодот од 1988 до 1995 година
Кога во далечната 1989 година пристигнал во западен Берлин, Јован Балов се соочил со големи предизвици. Токму таа година се случија општествените и политичките превирања во земјата а Балов ја доживуваше драмата на поделен град. Како и секој тукушто пристигнат мигрант така и тој на своја кожа ги почувствувал основните егзистенцијални проблеми. Во тој период сеуште немал атеље ниту пак основен сликарски прибор па се снаоѓал како што знаел и умеел со се она што во тој миг му било на располагање.
Промената на животната средина и откривањето на берлинската арт сцена го довеле во состојба во која што неминовно морал да го преиспита се’ она што до тој миг го беше апсолвирал и научил. Токму во тој период (1989-1995) настанаа бројни цртежи, мали хартиени објекти, фотографии, текстови, петски коментари, акварели и слики. Сиот овој материјал Балов решил да го артикулира во една хомогена органска целина па оттаму настанале колажите кои досега никогаш не биле јавно изложувани а потписникот на овие редови со гордост може да каже дека е првиот кој воопшто ги видел.
Колажите се своевиден дневник, интимен запис за едно време во кое страсно ги впивал импресиите од актуелната берлинска уметничка и културна сцена. Во нив се имплементирани размислувањата и истражувањата на ликовно-естетски план. Колажите се опираат на некаква ригорозна стилска категоризација. Станува збор за специфичен конгломарат од стилови, техники и медиуми процедени низ филтерот на една јасно изградена авторска поетика. Искрени, непретенциозни пастиши во кои се вткаени фино оркестрирани елементи, суптилен но сигурен цртеж, безгранична љубов и ентузијазам…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top