Пазарите на југоисточна Азија (Брунеи, Камбоџа, Индонезија, Лаос, Малезија, Мајнмар, Филипини, Сингапур, Тајланд и Виетнам) во постфинансиска светска криза доживуваат враќање, кое се рефлектира врз суштината на азиската инвестициска приказна.
Стратегиското позиционирање на „Азиските тигри“, кои се во потрага на нови европски дестинации, кореспондира со актуелните преговори со Македонскиот совет за надворешна трговија со Азија-Пацифик за воспоставување трговски врски, а и за можност за инвестирање во Република Македонија.
Извршниот директор на Македонскиот совет за надворешна трговија Азија-Пацифик, г. Владимир Кофчегарски, деновиве во Бангког оствари средба со потпретседателот на Стопанската комора на Тајланд, г. Чатчаи Бонјарат, каде што Република Македонија беше претставена како идеална дестинација за тајландските компании.
– Воодушевен сум од македонските потенцијали. Нашите компании имаат потреба од земји како Македонија, особено кога глобалната економија сѐ уште заздравува и нашата економија има потреба од поголем извоз во Европа – рече Бонјарат.
Покрај средбата со потпретседателот на тајландската стопанска комора, Македонскиот совет одржа работни средби со неколку тајландски корпорации кои одлично котираат на тајландската берза, каде што беа информирани за условите за отворање сопствени капацитети во Македонија, како и за одличните услови во економско-развојните зони и даночните бенефиции кои ги нуди Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


