| четврток, 6 декември 2018 |

Грција ќе ѝ достави на Македонија спогодба во четири точки: Коѕијас: Името го вклучува идентитетот, јазикот, пасошите, личните карти, Уставот…

Предлози за името, иредентизмот, меѓународни и регионални односи на Македонија и мерки за позитивна агенда се четирите точки на нацрт спогодбата што Грција кон средината на февруари ќе и ја достави на Македонија. Ова го откри шефот на грчката дипломатија, говорејќи за грчката државната телевизија ЕРТ, јавува дописникот на МИА од Атина. Според Коѕијас, спогодбата која уште е во фаза на формулација, најпрво ќе и биде презентирана на грчката, а потоа на македонската влада, доколку биде прифатена ќе претставува основа за решавање на проблемот, ќе треба да добие зелено светло од парламентите на двете земји и ќе го отвори патот на Македонија до НАТО и ЕУ.

– Во оваа спогодба ќе бидат вклучени сите теми што се отворени во врска со името. Посебно поглавје за иредентизмот, но и за темите што се однесуваат на иднината на земјата, за нејзината интеграција во меѓународни организации и позитивна агенда, како можат дополнително да се развијат нашите односите, рече Коѕијас и објасни дека грчката страна сѐ уште ја подготвува нацрт спогодбата, а очекува кон средината на следниот месец да и биде доставена на македонската влада.

Шефот на грчката дипломатија, потврди дека медијаторот доставил пет конкретни предлози, четири имиња на македонски јазик и едно Македонија (Скопје), додека пак во однос на грчките позиции рече дека според негово мислење името треба да биде сложено со терминот Македонија, „да не биде на англиски да биде на јазикот или јазиците на оваа земја, без превод“. Како примери дека постои меѓународно искуство за ваква формула, шефот на грчката дипломатија ги спомена Шри Ланка како земја што има едно, непреведено име и Авганистан, Узбекистан, Казахстан, Пакистан како држави, чии имиња се сложени зборови што го имаат истиот збор „стан“.

– Во разговорите, првата работа ќе биде, кое ќе биде името, содржината на името и придавката на името, бидејќи вториот елемент на името ќе го содржи терминот Македонија како географска област. Втора работа, дали ќе биде 1 или 2 збора. Трето дали ќе се воведе на јазикот на земјата или на меѓународен јазик и четвртото дали ќе биде преведено или не, открива Коѕијас, пренесува МИА.

Во однос на преговорите за името, шефот на грчката дипломатија, ја повтори неговата позиција дека името вклучува седум прашања: името, употребата на името,идентитетот, јазикот, трговската употреба, акронимите и знаците.

Никос Коѕијас објасни дека ако постои согласност од македонска страна за спогодбата, тогаш таа ќе треба да биде изгласана од парламентите на двете земји, согласно уставните одредби за одобрување на меѓународен договор.

Потребна е промена на македонскиот Устав

Шефот на грчката дипломатија во опширното и детално интервју за националната телевизија ЕРТ, јавува дописникот на МИА од Атина, рече дека за кој било договор за решение меѓу двете земји потребно е Македонија да направи уставни промени. Запрашан за тоа што би требало да се промени во Уставот, Никос Коѕијас ги посочи преамбулата и два члена, без да открие дополнителни детали.

– Кој било договор што ќе го случиме, ако не е придружен од уставни промени или ако сакате да ги кажете, прилагодувања, ќе може подоцна кој било нов премиер, од друга политичка област, да го смени. Ќе се најде во тешка позиција сегашната влада на оваа земја, ако не се смени Уставот, а склучи меѓународни договори и следната влада ќе им каже дека дејствувале противуставно, објасни Коѕијас и додаде дека владата на Заев во овој момент нема двотретинско мнозинство за промена на Уставот, а прво што треба да направи е да го отвори процесот за измени.

Грција сака пакет-решение

Нема да го поделиме проблемот на делови, вели Коѕијас, со што индиректно го отфрли и предлогот на Нимиц, објавен во грчките медиуми за постепено решавање на прашањето.

Шефот на грчката дипломатија вели дека сака целосна употреба на решението, што според него значи и промена на македонските пасоши и лични карти. Овој негов став го поткрепи со примери од неговото искуство како академик и експерт за глобализација.

– Кога станав министер, за да им објаснувам на сите секогаш со мене носев лична карта и пасош. И секогаш им велев: пасошот што е? Меѓународен документ. Што е личната карта? Внатрешен документ. Што е личната карта во време на ЕУ? Меѓународен документ, затоа што е на латиница. Тоа е дилемата дека не постојат класични внатрешни документи како во 19 век и да постои разлика меѓу нив, објасни Коѕијас во синоќешното интервју.

Без договор нема членство во НАТО

Министерот за надворешни работи на Грција не сакаше да говори за конкретни временски рокови за решение, а во однос на тоа ако не се постигне договор до НАТО Самитот, истакна дека Македонија без договор не влегуваат во Северно-атлантската алијанса.

– Процесот за НАТО не е дека ние сакаме да ги внесеме во НАТО, туку дека самите го бараат тоа. Ние во преговорите го користиме фактот што тие сакаат да станат член на НАТО, рече Коѕијас, додека пак во однос на евентуални притисоци од трети страни, истакна дека тој има испратено порака до сите, и до ЕУ, НАТО, и до САД и Русија да не се мешаат, бидејќи „тој што се меша прави лошо и не сака да се најде решение“.

Грција во 1997 го признала македонскиот јазик

Говорејќи за изведените зборови што произлегуваат од името, Никос Коѕијас, откри дека терминот „македонски јазик“ бил признат од Грција во 1997 на конференција на ОН одржана во Атина.

– Знаете кога е прифатено во ОН името македонски јазик? Знае кога прв пат беше направен договорот од страна на Грција, јазикот на оваа земја да се вика македонски? Јас ќе ви кажам. Во 1997 за време на Константинос Караманлис. Знаете каде се случи ова? Се случи на конференција на ОН организирана во Атина, откри шефот на грчката дипломатија, објави МИА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top