Ракометарките на македонскиот првак Вардар, ја забележаа првата победа во 1-то коло од втората групна фаза во Лигата на шампионите (ЛШ), откако вечерва во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, убедливо го совладаа францускиот претставник Мец со 29-23.
Со оваа победа вардарки останаа на врвот на табелата во групата два со максимални 10 бода, додека Французинките сега заостануваат четири бода. Вардар е единствената екипа која годинава ги победи сите ривали со кој се сретна досега во ЛШ.
Кај црвено-црните, предводени од голманката Амандин Лејно која забележа дури 18 одбрани, најефикасни беа пикерот Драгана Цвијиќ со седум и левиот бек Андреа Пенезиќ со шест гола, а кај Мец, Хелена Сајка со шест.
Во германската пресметка од оваа група, Турингер го совлада Битигхајм со 28-26 и сега има два бода, колку и поразената екипа. Унгарски Раил Карго и црногорска Будуќност играат утре. Во следното коло (4 февруари), скопјанки ќе играт против Битигхајм на гости.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.