Романот „Ундерштад“ од хрватската писателка Ивана Шојат-Кучи ќе биде промовирана вечерва во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Станува збор за потресна приказна за животот на четири генерации жени од една осјечка фамилија, со потекло од Германија. Пред присутните за книгата и за авторката ќе говорат хрватскиот амбасадор во Македонија, Златко Крамариќ, и писателите Венко Андоновски и Александар Прокопиев. Приказната почнува со животната криза и непријатностите кои ги доживува последната жена од таа фамилија, Катерина. Таа одлучува да се врати во родниот град, каде што се соочува со смртта на мајката, но и со некои прашања поврзани со нејзиниот идентитет.
Насловот на романот „Ундерштад“ е германското име за делот на Осјек, познат како Долен Град. Во својот роман авторката ги опишува траумите и страдањата кои имаат болни рефлексии врз идентитетот на поединецот, посебно на поединецот со германско потекло. Шојат- Кучи својата приказна ја насочува кон паметењето на нештата, а не кон заборавот на истите. Токму секавањето на слчученото е вистинскиот патоказ кон излезот од колективната амнезија и нејзиното разбивање како опасна за збунетиот поединец.
Ивана Шојат-Кучи е родена во 1971 година. Автор е на три романи, три збирки раскази и четири поетски книги. Активно преведува од француски и од англиски јазик. Романот Унтерштад е објавен во 2009 година, а во 2010 тој ги доби перстижните хрватски книжевни награди: Наградата за книжевност „Владимир Назор“, наградата „Ксавер Шандор Ѓалски“ за најдобар роман, наградата „Фран Галовиќ“ за најдобро прозно дело со роднокрајна тематика и наградата „Јосип и Иван Козарац“ за книга на годината.
Македонското издание на Унтерштад е на издавачката куќа „Зојдер“ од Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


