Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Митко Јанчев на денешната прес конференција соопшти дека пратениците од опозициската партија се враќаат во Собранието.
Како причина за тоа тој ја наведе одлуката на Владата да не го повлече Законот за употребата на јазиците.
-Инаетењето на предлагачите на сила да го истуркаат неуставниот закон за двојазичност не е на штета само на ВМРО-ДПМНЕ, туку на Република Македонија. Одлуката на Владата да не го повлече законот и да не отвори конструктивна расправа околу законот може да предизвика долгорочни последици по државата и да ја наруши кохезивноста меѓу граѓаните. Затоа ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група ќе сторат се што е во наша моќ за да се спречи ваквата деструктивна политика. Пратеничката група ќе се врати во собраниските клупи и со амандмани ќе се обиде да го превенира донесувањето на неуставниот закон – рече Јанчев.
Тој додаде дека преку нивното присуство во Парламентот ќе се обидат уште еднаш да ги убедат пратениците од парламентарното мнозинство „во ризикот од последиците на носење на овој закон, кој не само што излегува надвор од рамките на Уставот и охридскиот договор, туку ги става во подредена позиција на Турците, Ромите, Србите, Бошњаците и припадниците на сите останати етнички заедници во Република Македонија“.
– Законот има бројни пропусти и затоа е несфатливо неконструктивното однесување на СДСМ и одбивањето на предлозите да се формираат работни групи составени од претставници на сите парламентарни групи во Собранието на Република Македонија, со вклучување на експертска и стручна јавност од Правните факултети во државата, претставник од кабинетот на Претседателот на Републиката и од МАНУ. Сигурни сме дека ваквата дебата ќе придонесеше за подигнување на довербата и демократската атмосфера кои ќе резултираа со отстранување на неуставните елементи на овој закон за јазици – рече Јанчев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.