| четврток, 6 декември 2018 |

Клајн „го предупреди“ Лазаров, нашиот капитен во неверување (видео)

Соиграчот на Кирил Лазаров од екипата на Нант, Доминик Клајн моментално се наоѓа во Загреб, каде работи како стручен коментатор за „РТЛ“.

Искусното 34-годишно лево крило беше дел од германската репрезентација, која во 2007 година стана светски шампион.

Вчера, тој и нашиот репрезентативен капитен имаа интересна средба во пресрет на утрешниот меч на Македонија против неговата Германија. Клајн му ги откри новостите во ростерот на германската репрезентација, која утре ќе биде засилена со корпулентниот Фин Лемке.

Двете селекции по првите две кола го обезбедија своето учество во втората фаза од натпреварувањето, така што денешниот меѓусебен дуел ќе претставува директна борба за пласман на првата позиција во групата, односно борба за што повеќе пренесени бодови во втората фаза во Вараждин.

Македонија со победите над Словенија и Црна Гора има загарантирани два бода кои ќе ги пренесе во Вараждин, а на нив ќе се додадат и евентуалните бодови од средбата со Германија.

На Германците од друга страна, им зависи и исходот од втората средба во групата помеѓу Словенија и Црна Гора, со тоа што тие ја совладаа Црна Гора, но одиграа само нерешено со Словенија.

На прес-конференцијата која вчера се одржа во тимскиот хотел во Загреб, нашите репрезентативци го искажаа задоволството од досегашните резултати на првенството порачувајќи дека ќе одиграат во свој стил, максимално борбено и посветено и против фаворизираната Германија.

Натпреварот почнува од 18:15 часот во „Загребска Арена“.

По завршувањето на денешното последно коло од групите Ц и Д, Македонија, Германија и Шпанија ќе се приклучат на Главната Група 2 во Вараждин.

Влез меѓу 12-те најдобри ќе обезбедат уште победникот од мечот Словенија – Црна Гора, како и две од трите екипи од Д групата (Данска, Чешка и Унгарија) кои во последното коло ќе го одлучат конечниот пласман.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top