Читателите на „Република“ ја одбраа идеалната група за Македонија на ракометното европско првенство што ќе се игра во Данска од 12. до 26. јануари идната година.
Очекувано најмногу гласови како најпосакувани противници добија Србија од првата група, потоа Чешка од вториот шешир и аутсајдерот Австрија. Македонија ќе биде во третиот сад, заедно со Белорусија, Унгарија и Полска, репрезентации што не можат да ни бидат противници на ЕП во првата фаза по групи.
Извлекувањето е денеска од 18,15 часот во Хернинг, Данска, а читателите на „Република“, немаа дилеми дека најмногу би ни одговарало триото Србија, Чешка и Австрија. За Австријците како посакуван противник се изјаснија дури 54 проценти од учесниците во анкетата, а Србија и Чешка го поделија второто место, со по 34 проценти од гласовите.
Според Вашите гласови добро би било да се избегнат Франција која е вториот шешир, а „триколорите“ се најнепосакуваниот противник со само 3 проценти од гласовите. Од групата на топ-носителите би сакале да ги избегнеме Хрватска и Шпанија, за кои гласаа само 5 проценти од читателите на „Република“.
Изненадувања нема ниту во Вашиот избор за можен противник од најслабиот шешир. Македонците се одлични познавачи на ракометот, па логично беше дека сакаме да ја избегнеме силната Норвешка. Таа селекција доби 8 посто од Вашите гласови, и е најнепосакуван противник од најслабата група.
Принципот на избор беше познат и од секој од четирите шешири може да ни падне само една репрезентација. Противници не можат да ни бидат Полска, Унгарија и Белорусија кои се со нас во третиот сад.
Прв шешир: Србија, Данска, Шпанија, Хрватска
Втор шешир: Чешка, Исланд, Франција, Шведска
Трет шешир: Македонија, Белорусија, Унгарија, Полска
Четврти шешир: Норвешка, Австрија, Црна Гора, Русија
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


