Македонскиот вицепрвак Металург доби вајлд-карта од ЕХФ, за настап на квалификацискиот турнир што гарантира едно место во Лигата на шампионите. Уште една добра вест стаса од куќата на европскиот ракомет, а тоа е дека актуелниот европски првак Хамбург, директно ќе игра во ЛШ, а не како што првично беше најавено, на турнирот со 4 екипи кои добиваат вајлд-карта.
Претходно во анкета на специјализираниот сајт за ракомет „Хендбол Планет“, огромно мнозинство симпатизери гласаа Металург да биде поканет на турнирот. Нашиот вицешампион доби дури 69 проценти од гласовите, односно 6276 од вкупно 9 илјади посетители на сајтот, кои гласале за осумте кандидати за вајлд-карта.
Ривали на Металург на овој квалификациски турнир ќе бидат Пик Сегед, Висла Плок и Монпелје, а дополнително ќе бидат утврдени полуфиналните двојки, како и местото на одигрување на овој квалификациски турнир. Иако претходно беше објавено дека новиот европски првак Хамбург сигурно ќе добие една од четирите вајлд-карти, се чини дека ЕХФ пронајде начин германскиот состав да игра директно во групите од ЛШ, со што значително се ослабува конкуренцијата во битката за последниот билет од елитното европско натпреварување.
Уште една добра вест е најавата од таборот на „металурзите“ дека македонскиот клуб ќе аплицира и за добивање на организацијата на овој квалификациски турнир.
Настап пред своите гледачи осетно би си ги зголемил шансите за пласман во фазата по групи од Лигата на шампионите. Металург лани загуби во „Борис Трајковски“ единствено од Кјелце, а избраниците на Лино Червар дефинитивно би имале огромен адут во своите верни навивачи, доколку успеат да се изборат овие квалификации да се играат во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


