Претставата „Кралот Ричард Трети“ од Вилијам Шекспир во режија на Александар Поповски премиерно ќе биде изведена во петок во театарот „Гавела“ во Загреб.
Улогата на Ричард Трети ја игра Озрен Грабариќ, а во другите настапуваат Андреј Дојкиќ, Свен Шестак, Мартина Чвек, Дијана Видушин, Ивран Грчиќ, Хрвоје Клобучар, Аница Ковачевиќ и други.
Режијата и сценографијата се на Александар Поповски, костимографијата на Мартина Чопо, а светло на Здравко Столник.
Ричард Трети е историска драма од Вилијам Шекспир, која се верува дека е напишана околу 1591 година и која го опишува макијавелското воздигнување до моќ и краткото владеење на Ричард Трети од Англија.
Од театарот „Гавела“ соопштија дека по претставата „Сон на летната ноќ“, една од најуспешните во нивниот театар, режисерот Александар Поповски ја поставува шекспировата драма „Ричард Трети“, со режисерска визија која носи исклучителна енергија и политичност, и приказна за амбицијата, властољубието, моќта и желбата за доминација.
Имено, низ случувањата во приказната нѐ води лик (антихерој), чии постапки се сѐ – само не морални, но неговата интелигенција е висока, а моќта на расудувањето е разорна, така што не можеме да не патуваме со него, и да не ги гледаме работите (и) со неговите очи.
Лордови и кралици, војводи и убијци, исцртуваат фабуларен склоп со висока тензија и напнатост, носејќи свет на театарската сцена, во кој човекот на човек прво му е волк, а потоа е брат, син, пријател, љубовник…
Независно од историската предлошка, многу елементи во приказната се фикција, особено оние што се поврзани со крвавата трага на Ричард до престолот. Тој не го убил Едвард, првиот маж на својата сопруга и не е одговорен за смртта на Хенрик Шести. Исто така, не го убил, односно не дал налог за убиство ниту за постариот брат Кларенс, туку тоа го направил Едвард. Вистинскиот Ричард не ја убил својата сопруга, туку таа починала од туберкулоза. Не постојат ниту цврсти докази дека е вмешан во убиството или исчезнувањето на младите принцови од Тауер. Сѐ што е познато околу тоа случување се сведува под фразата која често се спомнува во холивудските криминалистички филмови како – посредни докази. Накратко, иако воопшто не бил безопасен и лишен од амбицијата за владеење, историскиот Ричард не бил толку крвав како во делото на Шекспир.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.