| четврток, 6 декември 2018 |

Грција се пазари со Србија во спорот за името?

Papuljas Nikolic1

Грција не се поместува од барањето името за кое преговара со Македонија да биде ерга омнес, односно за севкупна употреба. Грчкиот претседател Каролос Папуљас не заборави да проговори за Македонија ни на свечената вечера во Белград со српскиот претседател Томислав Николиќ, од кого побара поддршка при решавањето на спорот за името. Слично како и во интервјуто за „Политика“ и изјавите по средбата со Николиќ, Папуљас посочи дека Грција очекува од Македонија да ги почитува европските принципи на добри соседски односи и да покаже поголема конструктивност во пристапот кон решавање на спорот за името.

Грчкиот претседател и во Белград тврдеше дека Грција и практично покажала волја за да се најде решение за името. Потенцираше дека не се поместуваат од барањето за ерга омнес. „Според одлуката 817 на Советот за безбедност на Обединетите нации, не бараме името да биде само за меѓународна или делумна употреба, туку да биде име со географска одредница за сите употреби“, нагласи Папуљас.

Во стил на веќе познатата реторика кога се зборува за името, тој посочи дека Грција го поддржува интегрирањето на ЕУ во Западен Балкан, но дека ова не е безусловно. Конкретно, за Македонија да стане членка на ЕУ побара да ги исполни предусловите како регионална соработка и почитување на добрите соседски односи. Грчкиот претседател инсистираше на тоа дека Грција има направено напори и има конструктивна позиција кон Македонија. „Грчки компании имаат инвестирано многу важен капитал во оваа земја, одржуваа десетици илјаници работни места и придонесуваат многу за економската стабилност на нашиот северен сосед“, потенцираше Папуљас.

Папуљас побара Србија да покаже поддршка за Грција при решавање на спорот за името, а се заблагодари за српската поддршка за кипарското прашање. Поддршка од српската страна за спорот за името, Папуљас побара и лани при посетата на Николиќ на Атина. За потсетување, на средбата и следеше мало заладување во грчко-српските односи откако Николиќ изјави дека има разбирање за Македонија во спорот за името, на што официјална Атина одговори со протестна нота, реагирајќи дека таквите изјави не се во духот на традиционално доброто грчко-српско пријателство.

Посетата на Папуљас на Србија помина во знакот на силна грчка поддршка за Србија што поскоро да добие датум за отпочнување преговори за спорот за името. Папуљас за време на посетата посочи дека преку напредокот во дијалогот со Косово, Србија покажала дека расчистува со минатото, испраќајќи со ова порака и до Македонија дека треба да се одлучи на сличен чекор „за да престане да биде заглавена во минатото“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top