Никој нема право да ја консумира слободата и во неа да ужива, ако претходно не ја заработил за друг. Оној што ова не го разбира, сам себеси се осудил на доживотно ропство, без право и можност за помилување. Ова е најскапоцената универзална вредност на човештвото, прифатена од сите слободољубиви и нормални луѓе, освен од кукавиците и колебливците кои својата слобода, а уште полесно слободата на другите, евтино ја продаваат во замена за лагодности и статус.
Деновиве, многумина добронамерно, други пакосно ме прашуваат дали др. Љубен Арнаудов ми е брат. Човекот потекнува од питомо, благородно и патриотско семејство од кое негови блиски роднини во изминативе два века одлежале околу 100 години робија за Македонија. Последниве триесетина години тешка робија одредена токму од татковците и дедовците на овие што деновиве го затворија и Љубен. Веројатно да ја заокружат нивната семејна традиција за прогонување на невини патриоти сега пратеници, а единствена нивна вина била што го сакале својот народ и својата татковина. Одговорот е да. Да, Љубен ми е брат, како што ми се браќа и сестри Јохан, Сашо, Крсто, Љупчо, Пешевска, Богдан, Владо, Игор и сите останати притворени. Браќа и сестри ми се и сите храбри луѓе кои секојдневно излегуваат на протести. Браќа и сестри ми се и глумците од македонскиот народен театар. Браќа и сестри ми се и сите слободоумни и праведни луѓе.
Ама, браќа и сестри ми се и премиерот и министрите, специјалците. Брат ми е и директорот на МНТ со својата несреќна изјава и права е среќа што операта на “Набуко’’ не се изведуваше во неговата установа бидејќи ќе ги казнеше и сите посетители. Браќа и сестри ми се бездушните кукли и панукли во обвинителствата и судовите. Но иако ми се сите браќа и сестри има голема разлика во почитта кон секој поединечно. Со некои се гордеам, на други им се восхитувам, пред повеќето капа симнувам и длабоко им се поклонувам, но од многумина се срамам, а најбројни се оние кои ги сожалувам.
Драги мои сограѓани цела Македонија денес е катакомба на цветот на човештвото, СЛОБОДАТА. Во Македонија денес царува стравот, молкот, недовербата, сомнежот и одлалечувањето еден од друг. Едната половина од народот стравува за себе, за своите блиски, за нивната сигурност, безбедност и егзистенција. Другата гласно молчи за да се офајди и да завземе некое незаконски ослободено место во хиерархијата во власта или да не си го расипе порано стекнатиот комодитет. Секој во секого се сомнева, брат на брат не верува и блиски пријатели се оддалечуваат. Сјајот на слободата од ден во ден забрзано потемнува. Птиците на небото се слободни, дивите животни во шумата, рибите во реките и езерата се слободни, слободни се и кучињата скитници низ скопските улици и паркови дури и глувците во влажните подруми се слободни.
Само луѓето за кои првенствено Господ ја насадил слободата, не се слободни. Многумина нашата Македонија ја нарекуваат библиска земја. За жал сега во Македонија Господ не е сам. Секој од нас на десното рамо го носи Господовиот ангел чувар, а на левото нечестивиот натемаго. Сега е време на левото рамо. Се разгоропадил, бестијално пробива со своите рогови, луѓето замрзнуваат од погледот на неговите црвени очи, гризе и јаде се пред него со запенавената и лигава муцка и збришува се зад себе со долгиот крастав опаш.
Како поинаку да си го објаснам ова еруптивно повампирување на колишевизмот во неговата најбрутална форма. Повторно како и во педесеттите години на минатиот век предавниците апсат патриоти и повторно за туѓи интереси. Но не можам, а да не се начудам на жестокоста што денес ја демонстрираат. Ако тогаш вазалите служеа на тоталитарниот недемократски режим од Белград, ајде и некако да ги разбереш. Меѓутоа слугувањето на така наречените храмови на слобода и демократија во Брисел и Вашингтон мошне е зачудувачки и без оправдување за ваков свиреп прогон, досега незабележан во демократијата воопшто.
Неисе! Продолжете вака одлично ви оди. Правопропорционално. Колку повеќе им припишувате измислени терористички активности толку поголеми маченици и херои од нив создавате. Не е чудо и крвавиот четврток по ваша вина да се трансформира во нешто што нема да ви се допадне. Но нешто друго мене ме зачудува. Секое цивилизирано, демократско и праведно општество живее во правилен круг во кој сите се еднакво оддалечени од центарот. Ова меѓусебно оддалечување на сите нивоа, кругот го развлекува во форма на елипса, го растегнува и на крај ќе премине во рамна линија. Тогаш престанува да постои организираното општество, а ние сите секој со својот дел од вината ќе се претвориме во најлош вид на терористи во очите на нашите идни генерации. Авто терористи кои со легален терор ја уништиле сопствената држава. Секако најмногу по заслуга на власта, но и на оние кои мудро молчат, опортунистите.
Затоа, ако воопшто некогаш требало да се стане во одбрана на слободата сега е моментот, додека се уште им е потребно време да се заврши унификација на мозоците подготвени од кројачите на СДСМ за еднакво толкување на слободата. Само во рана фаза на пружање на отпор може да се надеваме на резултати за обезбедување на вистинска слобода. Ако со отпорот се почека повеќе време се ќе биде залудно и секое друго толкување за значењето на слободата ќе биде ерес, неморално, дури и безбожно и спротивно на сите лажно изградени граѓански и општествени форми, принципи, правила и начела. Доколку подолго време не ја гледаме слободата ќе се одвикнеме од неа и ќе станеме неспособни да ја сфатиме разликата помеѓу понудената и вистинската слобода.
Сега нешто и за најодговорните, власта без функции, титули и хиерархија, затоа што до сега потврдивте дека со мали исклучоци сите сте исти. Сите луѓе имаме по две судбини. Една лоша и една добра. Имаме и два пата да ги изодиме кои се во сосема спротивни насоки. Едниот на монахот. Другиот на светецот.
Првиот. Славниот Микеланџело кога ја фрескописувал Сикстинската капела ликовите на светците, херувимите и ангелите ги обликувал според изгледот на своите сограѓани.
Така за ликот на Ангелот бил инспириран од едно младо стројно, чисто и непорочно монахче. И тука застанал. Никако не можел да најде лик што ќе го претставува ѓаволот. Три години не работел ништо се додека една вечер излегувајќи од една крчма не се сопнал на еден многу стар грд човек, извалкан и усмрден. И од кога конечно го насликал и ѓаволот според ликот на старецот и сфатил дека тоа е истото момче што му бил инспирација за Ангелот.
Вториот. Савле, најзакоравениот прогонител на христијаните. Тој при еден поход против Христијаните во Дамаск ослепел за подоцна да му се јави Синот Божји и да го прекори и преобрати при што му го вратил видот. Од тогаш се претвори во Прво Апостол и најголем пропагатор на христијанството прекрстувајќи се во Свети Апостол Павле и на тој начин успеал да ги извлече христијаните од катакомбите и да ги пресели во божјите храмови на светлината на денот. Ете, што значи покајување и добивање простување од Господ се гледа по тоа каде е денес местото на Свети Апостол Павле и сеопштото значење на христијанството во светот.
Вистинските луѓе не се сомневаат, тие веруваат и се надеваат. Надежта е добра работа, а добрите работи не умираат. Сакам да верувам дека ќе го одберете патот на Светецот. Во спротивно непознатата икс од новото равенство брзо ќе биде решена и ќе гласи:
Колешивизам = заевизам.
На крај ќе се обидам да парафразирам една мудрост и фигуративно да ја прилагодам на денешните состојби во Република Македонија.
Ако сакате одмазда ископајте две гробници. Една масовна гробница за жртвите терористи кои постојат само во вашите параноични глави и друга спомен костурница за Македонија.
И сосема, сосема на крај. Уште еднаш ве молам веднаш да престанете додека сеуште има време да го сеете вашето отровно семе врз оваа благородничка, плодотворна и дарителна почва.
Ќе ја пислјасате земјата за долго време, таа ќе стане тврда како бетон и неродна. Потоа и најквалитетното семе посеано на неа од други ќе остане на површината и од него ќе се нахранат само гаврани, страчки, чавки, кукавици и други птици грабливци кои немаат и не знаат за свои гнезда и насилно се сместуваат во туѓи.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.