| четврток, 6 декември 2018 |

Комедијата „Вдовицата се мажи“ премиерно ќе биде изведена во Велешкиот театар

Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес на 7 декември, со почеток во 20 часот, премиерно ќе ја изведе комедијата „Вдовицата се мажи“, работена според „Мечка“ на А.П. Чехов во режија и адаптација на Младен Крстевски.

„Вдовицата се мажи“ е адаптација на едночинката „Мечка“ од Антон Павлович Чехов, напишана во 1888 година, која на комичен и атрактивен начин за гледање ја следи приказната за вдовицата Попова, која седум месеци е во жалост по смртта на сопругот и одбива да излезе од имотот и да прима посети. Комуницира единствено и само со нејзиниот лакеј Лука и вработените на имотот. Кај неа ненадејно доаѓа Смирноф, артилериски поручник во оставка и кредитор кој си ги бара назад парите кои му ги должи покојниот сопруг на Попова.

„Вдовицата се мажи“ е комедија на карактери која изобилува со брзи дијалози, силни емоции и ненадејни пресврти. Претстава за едноставната комплексност на човековата природа, за тенката граница помеѓу омразата и страста, за човекот кој честопати знае да биде чуден, а прекрасен и туѓ на себе.

Во претставата настапуваат актерите Марина Поп-Панкова како Попова, Васил Зафирчев како Смирноф и Младен Крстевски како Лука. Сценографијата за претставата е на Филип Коруновски, костимите се на Катерина Чукниева, а изборот на музиката е на Снежана Митова.

Првата реприза на претставата е закажана за во четврток, 14-ти декември во 20 часот во Велешкиот театар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top