Цртежите и графиките од Љубомир Ивановиќ (1882 – 1945 г.) се дел од збирката на Националната галерија на Македонија и се подарок од уметникот. Делата за првпат се изложуваат пред јавноста, а вкупната бројка е шеесетина дела. Со изложбата, низ избор од неговите цртежи и графики, се претставува исклучителниот опус на овој значаен српски уметник, хроничар на природата и на старите градби (архитектура), патник и пасиониран собирач на предмети од народното творештво, долгогодишен професор.
Збирката содржи дела од дваесеттите и триесеттите години на дваесеттиот век, кога тој, впрочем, и престојувал во Македонија истражувајќи го нашето поднебје, со претставување нa старите градски јадра до делови од разурнати мостови. Да наведеме само за пример, тоа се пејзажи на делови од Дебар, Кичево, Битола … Куршумли-ан во Скопје, старите цркви во Варош, Прилеп и Галичник, џамии… Секој потег му е добро осмислен, како последица на општиот впечаток.
Оваа збирка, составен дел од колекцијата на движното културно наследство во сопственост на Националната галерија на Македонија ќе биде прикажана на публиката во објектот Мала станица на 1-ви декември 2017 (петок). Кураторот на изложбата Маја Крстевска, виш кустос, информира дека изложбата ќе се отвори во 12 часот и истата ќе биде поставена до 13-ти декември 2017 година.
За животот
Како прв сликар што ја запоставил, а потоа и наполно ја напуштил работата со бојата и целиот се предал на цртањето со молив и режење на црно-бели гравури, Љубомир Ивановиќ е основоположник на современата српска школа на уметничкиот цртеж и на современата графика.
Благодарение на него, цртежот во српската уметност се развива од помошна дисциплина во самостојна. Уметничкото образование го започнал во текот на последната година на работењето во школата на Кирил Култик (1899 г.), а го продолжил кај Ристо и Бета Вукановиќ. Понатаму, се дошколувал во Минхен, во приватната школа на Антоан Ажбе, (1905-09 г.). Многу рано, во 1903 г., објавил цртежи во списанието „Нова Искра“ и во „Политика“.
По враќањето во Белград, добива место на наставник по „вечерен акт“, во Уметничко-занаетчиската школа, а од основањето на Академијата за ликовни уметности (1939 г.), ја продолжува педагошката работа како редовен професор на отсекот Графика. Неговиот опус започнува со сликање масло на платно што, за жал, денес ретко се наоѓа, повеќето дела се пропаднати во Првата светска војна.
За првпат изложува како ученик во 1904 г., на Првата југословенска уметничка изложба. Еден е од основачите на Здружението на ликовните уметници во Белград (1919 г.) и член на Уметничкото здружение „Лада“.
Од 1922г., бил избран за дописен член на Српската академија на науките и уметностите, а во 1933г. е одликуван со Орденот на легијата на честа на Република Франција.
За творештвото
Во почетокот напоредно работел масло и цртежи, ја сликал човековата фигура, особено ентериерот, што подоцна сосема го запоставува во насока на цртањето предели. Цртал остатоци од стари градби, пропаднати од забот на времето, трошни куќарки, воденици, напуштени палати, зданија на властодршци. За овој уметник е карактеристично дека цртежот е финален и целовит одраз на неговата визија за светот така што со своите исклучителни цртежи цврсто го дефинирал местото во историјата на српската уметност.
Љуба Ивановиќ е уметник чии дела ги надминуваат рамките на дотогаш прифатените конвенционални сфаќања на дисциплината цртеж и на графиката. Во своите графики ја достигнал можноста во основата на постапката да бидат остварени врвни квалитети.
Една од карактеристиките на неговиот цртеж е нагласеното третирање на светлината, сонцето и одблесоците, понатаму интересот за ефектот на сенките и полусенките, ритмичката поделба на светло-темното, како и доловување на фактурата и материјата.
Високата вредност и виртуозност на неговото творештво се поради исклучителната индивидуалност и, впрочем, не припаѓа на ниеден одреден стил иако е најблиску до импресионизмот, за кого е врзан преку сенката на лисјата што треперат и џбуновите и преку некои движења на фигуралните композиции со теми од секојденевниот живот.
За него тоа бил патот на графиката. За да ја долови сликарската вредност, и со скалилата на бели и црни тонови го остварува впечатокот на полихромијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.