Францускиот институт во Скопје и издавачката куќа „Или-Или“ денеска во Скопје го донесоа авторот на бестселерот во Франција, Давид Фоенкинос.
Давид во 2014 година ја доби престижната книжевна награда Ренодо 2014 за романот „Шарлота“, а во Македонија дојде заедно со неговиот брат Стефан Фоенкинос, кој е режисер и сценарист и со кого заедно ги снимаат филмовите според неговите романи.
–Јас сум писател и режисер кој вечерва заедно со мојот брат ќе го презентираме нашиот филм во Приштина. Големо задоволство ми е што ја прифатив поканата да дојдам во Македонија, прв пат сум овде. Многу кусо време ќе престојувам, но тоа е понекогаш добро, затоа што добивате желба повторно да се вратите, рече на почетокот Давид Фоенкинос.
Давид Фоенкинос е француски писател и сценарист. Студирал литература и музика во Париз. Неговиот роман „Деликатност“ е бестселер во Франција, а филмот снимен по сценариото кое се заснова на романот доживеа огромен успех како и актерката Одри Тату која ја толкуваше главната улога.
Неговитe родители биле често отсутни и тој одел во библиотека каде читал и пишувал во текот на неговото детство. На 16 години, тој страда од плеврална инфекција, ретка срцева болест за тинејџер и морал итно да биде опериран. Потоа поминал неколку месеци во болница, а во текот на рехабилитацијата бил едноставно врзан за кревет и тогаш почнува едноставно да ги проголта книгите, да слика, и да свири гитара. Од ова искуство, тој всушност открива што сака да биде и се она што потоа го пишува во своите книги. Но, како одлучил да стане писател?
–Интересно ми е прашањето бидејќи јас во ниту еден момент не размислував да станам писател. Се работи за нешто очигледно кога пишувањето е ваша пасија. Тоа не се случи на пример да станам едно утро и да одлучам да станам писател, тоа живееше во мене и едноставно се појави. Јас не пишував мислејќи дека ќе станам писател и ќе имам многубројни читатели, туку пишувава за да го раскажувам она што ми се случуваше во животот. Мислам дека ќе бев писател и ако воопшто не ми се случеше ништо од ова и тогаш ќе пишував за нештно друго, објаснува Давид Фоенкинос.
Студирал литература на Сорбона и учел музика во џез училиште, што доведува до професионална обука за професор по гитара. Навечер работел како келнер во еден ресторан, а откако залудно се обидел да состави бенд, одлучува да се сврти кон пишувањето. Дали музиката има влијание во неговата работа, во неговите дела?
–Студирав музика, но тоа беше многу одамна. А кога почнав да пишувам тоа беше како да свирам инструмент, така што тие се многу тесно поврзани и сметам дека не можете да пишувате доколку немате одредено знаење во вас, вели тој.
По неколку неуспешни ракописи, тој го наоѓа својот стил. Неговиот прв роман бил отфрлен од страна на издавачите, а „Галимар“ потоа го објавува во 2002 година и со таа книга ја освоил престижната литературна награда. Неговите романи се преведуваат во странство, на околу четириесет јазици. Според „Ле Фигаро“, тој е еден од петте автори кои продале најмногу книги во 2011 година.
Неговите книги, стил, жанрови се многу добро прифатени од страна на критичарите. „Деликатно“ е роман кој Фоенкинос го објави во 2009 година и претставува вистинска пресвртница во неговата кариера. Книгата е прогласена од критичарите, за нешто особено и може да се најде на сите листи на големи книжевни награди, а ќе продаде повеќе од еден милион примероци. Книгата потоа се објавува низ целиот свет, а најголем успех бележи во Германија и Шпанија.
–Секоја книга има различен извор. Конкретно за делото кое е овде објавено на македонски, романот „Деликатност“ можам да ви кажам дека се работи за едн девојка, една жена која преживува една животна драма и која го продолжува животот преку средбата со еден маж кој е малку посебен, специфичен итн. Предмалку споменав дека кога бев адолесцент, бев болен и главната инспирација за пишувањето на оваа книга се наоѓа токму во моето продолжување на животот по таа моја животна драма, раскажува Давид.
Во прилог на неговото фиктивно пишување, Давид Фоенкинос работи одвреме-навреме на филмски сценарија. Заедно со неговиот брат, Стефан, тој во 2006 година направи краток филм со наслов „Историја на нозете“.Во 2011 година, повторно со својот брат Стефан, тој го режира филмот „Деликатно“ ( La Délicatesse), адаптација на неговиот истоимен роман од 2009 година. Филмот ќе биде номиниран два пати за наградата Цезар и во 2012 година ја добива за најдобра адаптација и за најдобар прв филм.Во 2014 година, со неговиот роман „Шарлот“, Давид Фоенкинос добива бестселер со продадени 450.000 копии. Тој се сметал за омилен роман на книжарите на есента 2014 година (според годишната анкета на Либре-Хебдо). Во јуни 2015 „Галимар“ ја објавува аудио верзијата на романот, која ја чита Ив Хек.
-Комплексно е создавањето на еден роман, бидејќи имагинацијата и инспирацијата пред се не се технички работи. Не се случува тоа на пример еден ден да одлучите да напишете роман, освен кога станува збор за романот „Шарлот“. Јас кога се запознав со нејзиниот живот, со деталите, кога ги видов нејзините фотографии добив желба да пишувам за неа, меѓутоа за книгата „Деликатност“ нема конкретен повод од каде доаѓа инспирацијата за неа. На пример, во самиот роман има една сцена во која жената одеднаш се затрчува и бакнува еден непознат маж. Јас во тој момент бев фрустриран и си го поставива прашањето: Зошто се случи ова? Што точно се случи? …И фактички на создавањето на еден роман гледам како на една од оние руски кукли (бабушки)каде во секоја кукла има нешто друго, раскажува Давид.
Бидејќи ги режира филмовите снимени според неговите романи, неминовно се наметнува прашањето дали кога ги пишува романите замислува како тоа би изгледало на големото платно.
–Да бидам искрен воопшто не размислувам на тоа. Кога пишувам размислувам само на речениците и пишувањето ми претставува еден вид цел. Точно е дека повеќето од моите книги се филмувани, но воопшто не се занимавам со сценариото кога ги пишувам, вели Фоенкинос.
Некои автори пишуваат дисциплинирано, некои прават големи паузи. Некои пишуваат на рака, а некои на компјутер…
-Вообичаено пишувам на компјутер, но се случува да фаќам белешки на хартија и она што го имам како чувство е дека еден роман не се пишува ексклузивно седнат зад компјутерот, туку романот се пишува и кога не го пишувам. Овде можеби би го издвоил создавањето на романот „Деликатност“ бидејќи јас кога почнав да го пишувам имав чуство дека веќе е напишан овој роман. Го напишав многу брзо бидејќи веќе го имав осмислено во главата, ја објаснува Давид својата методологија на работа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Смртна казна за познат писател на крими-романи: Злосторството го прераскажал во роман
-
Почина писателот Есад Бајрам
-
Јуси Адлер-Олсен, дански писател: Политичарите во Европа едноставно повеќе не се способни, едноставно не се добри!
-
Хрватскиот писател Ренато Баретиќ на резиденцијален престој во Скопје работи на театарскиот текст „Хасан“