| четврток, 6 декември 2018 |

Смртна казна за познат писател на крими-романи: Злосторството го прераскажал во роман

Наградуваниот кинески писател на детективски романи, Лиу Јонгбиао е осуден на смрт за убиства извршени во ноември 1995 година, кога тој и неговиот пријател Ванг Моуминг, кој исто така е осуден на смрт, талкале како дрски разбојници низ Кина.

Двајцата зимата се договориле да извршат голем грабеж, кој завршил неуспешно. Успеале да се извлечат, но сепак биле без пари. Затоа нападнале гостин во преноќиштето каде и тие се сместиле. Го убија, но кај него нашле само долар и пол, по што тргнале во налудничавиот поход.

Прво го нападнале сопственикот на конакот, но и кај него не нашле задоволителна сума пари. Го убиле и продолжиле понатаму. Упаднале во станот на сопругата на сопственикот и неа исто така ја убиле. Таму го затекнале и нивниот внук од 12 години. Тие немале милост ниту кон него.

Полицијата тапкала во место, а случајот можеби ќе останел нерешен, ако не се случиле две клучни работи. Прво, напредувала форензиката и второ, судбината сакала Лиу да започне да пишува криминалистички романи.

Тој во меѓувреме станал член на Друштвото на кинески писатели, а многу од неговите романи биле наградени. Сепак, потикнат од нечиста совест или самобендисаност, или од креативна криза, што е тешко да се одгонетне, Лиу во еден од романите го опишал злосторството. Ова предизвикало сомневање кај истражители кои не го заборавиле случајот.

Тоа било доволно форензичарите да поработат на старите докази. Во една од фиоките со докази во локалната полициска станица имало опушок од цигара за која сметале дека го оставил убиецот. Била направена ДНК анализа, а бил земен и примерок од писателот, по што се потврдило дека е идентична.

Лиу беше уапсен и осуден на смрт. Тој се изјасни за виновен.

Заслужувам да умрам не еднаш, туку сто пати за она што го направив, рекол Лиу.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top