| четврток, 6 декември 2018 |

Јуси Адлер-Олсен, дански писател: Политичарите во Европа едноставно повеќе не се способни, едноставно не се добри!

Реагирам постојано затоа што младите генерации кои растат во моментов во Европа се воспитани да мислат само на себе и своето семејство. Данска беше прекрасна социјална демократска земја порано. Но, таа држава што ја знаевме, не постои веќе. Сите се грижат само за себе, а не и за другите, но тоа не е Данска, вели Адлер-Олсен

Јуси Адлер-Олсен е дански автор број 1, чии книги се преведени на 40 јазици и котираат на големите бестселер-листи во светот, меѓу кои и на „Њујорк тајмс“!

Во младоста свирел гитара во неколку поп-групи, студирал медицина, социологија, филм, бил издавач, уредник, композитор на филмска музика и продава на книги. Добитник е на огромен број награди, а четири негови книги имаат и филмски адаптации. Неговите книги се број 1 препорака за сите љубители на скандинавски трилери. Серијалот крими-трилери за секторот Q го вбројува меѓу најпознатите и најнаградувани европски автори.
Истрагата на мистеријата за исчезнувањето на младата политичарка Мерете Лингор е првата задача што ја презема секторот Q, во кој единствени вработени се детективот Карл Морк – кој се враќа на работа по престрелка во која едниот од неговите колеги останува парализиран, а другиот е убиен – и сирискиот имигрант Асад.
„Жената во кафезот“ е одличен почеток на серијалот книги за секторот Q! Веднаш по објавувањето, книгата се искачила на првото место на топ-листите и се задржала на врвот на бестселери цела година! Според книгата е снимен и филм.

Со Јуси Адлер Олсен разговаравме во текот на неговиот престој во Скопје, каде на Букстар фестивалот беше промовиран неговиот роман „Жената во кафезот“, која на македонски јазик ја објави „Антолог“.

Во Скопје доаѓате на Букстар фестивалот, каде ќе биде промовирана Вашата книга „Жената во кафезот“. Прв пат ли сте во Македонија? Какви се Вашите впечатоци?

-Мошне сум изненаден од она што го видов овде. Воопшто неочекував вакво нешто. Ова е екстремно неочекувано. Прв пат доаѓам во Македонија и во Скопје, но сигурен сум не е последен пат, бидејќи после ова морам да ја донесам мојата сопруга во Македонија. Ова е многу убава земја. Да се биде овде турист е импресивно. Имате прекрасна река, градот лежи на самата река, мешавина на култури, го посетив пазарот, стариот дел од градот и новиот дел од градот е многу интересен за мене. Мислам дека утре ќе одиме на прошетка надвор од Скопје, но Скопје е за мене многу убав град, а бидејќи многу сум патувал може да ми се верува. Инаку, како писател ова е мое 120 патување. Во последниве седум години многу пропатував. Можете да замислите. Минатата година кога престојував во Германија имав незгода со ушите, не можев ништо да слушам. Десетдневната турнеја во Германија беше мошне напорна и одлучив потоа да седам дома, да свирам гитара, да ги кренам нозете на маса, да гледам фудбалски натпревари и многу да пишувам. Доаѓањето во Македонија беше убав начин да се запре тоа. Кога патувам, вообичаено три-четири дена сум во градот. И сега сум овде неколку дена , дојдов со пријател кој беше љубопитен да ја види Македонија и Скопје. Знаете ова е сосема различна култура, вашата историја, инвазиите на оваа територија, земјотрес, војна и сеуште сте овде и сето тоа изгледа многу интересно. Среќен сум за вас, знам дека имате проблем со Грција поради знамето, но на подолги патеки на кого му е грижа…сите ние знаеме кои сте вие и какво е вашето знаме. Ова беше долг одговор на кусо прашање.

 „Жената во кафезот“ е роман за првиот случај на секторот Q, кој треба да ја најде исчезнатата млада политичарка Мерет Лингард. Според книгата е снимен и филм. Ви се допадна ли адаптацијата на Вашиот роман во филмска приказна?

-Ќе ви кажам дека првите три филмови беа одлични, а потоа беше снимен четвртиот и го мразев. Мислам дека не е добро направен. Голем број луѓе го гледаа во Данска, но мене не ми се допадна. Знаете, јас студирав филм, сум направил многу адаптации и добар сум во тоа, се разбира дека адаптацијата сакав да ја направам сам, но не можев едноставно да најдам време за тоа. Мислам дека и сценариото не е направено така добро како што може да биде. Според мене добра адаптација е онаа која ќе направи добри ликови, длабоки, преку кои и гледачот навистина ќе ја почувствува тензијата, тагата, љубовта. Овде ништо вистински не чувствувата. Тие направија филм кој само вистински ќе ја исплаши публиката. А моите книги не се само да ја исплашат публиката. Конкретно оваа книга го плаши читателот, но не се работи само за страв, туку и за една важна жена која добро ја објаснувам…Знаете јас никогаш не одам на премиерите на филмовите работени според моите романи. Никогаш не сум се појавил на црвениот килим. Сега имам договор за снимање на петтиот филм според мој роман и бидејќи е добар тимот, сметам дека ќе направат и добар филм. Од друга страна има ситуации кога филмот е подобар и од книгата. Неодамна ги откупија правата за секторот Q за снимање за телевизиска серија. Станува збор за многу добра продуцентска куќа која работеше на „Малцински извештај“ „Шиндлеровата листа“, ќе се снима во Америка со меѓународна актерска екипа и многу сум возбуден и се надевам дека ќе биде успешна.

Бевте гостин на Саемот на книга во Белград. Сметате ли дека непосредниот контакт со читателите, е корисен за еден писател? Ви се допаѓаат ли Вам средбите со читателите?

-Да бидам искрен за повеќето писатели средбите со читателите воопшто не им се од корист, бидејќи средбите на Саемите или потпишувањето на книгите воопшто не може да се нарече средба. За да се сретнете со читателот очите треба да ви бидат во иста висина. Ако изведувате нешто на сцена ќе почувствувате дека публиката се смее или ја гледате нивната реакција, но кога потпишувате книги поголемиот дел од писателите седат и поипишуваат, а читателот е над нив. Но, јас не го правам тоа. Јас ја ставам столицата врз масата, ги гледам во очи, ги прегрнувам, правиме „селфи“, разговараме. Тоа може некогаш многу да трае. Еднаш на Саемот на книга во Франкфурт потпишував книги три и пол часа. Тоа е фантастично, но луѓето во редот сеуште трпеливо чекаа.  Затоа мора да им пружите особено внимание. Читателите се посебни. Работев извесен период како издавач и знам дека читањето одзема многу време. Секој читател ја гледа книгата поинаку од другиот и има поинакво искуство. Од друга страна и јас како писател сакам да ве измамам, да ве изманипулирам. Особено кога одите да читате пред спиење, па ви се приспива и токму пред да заспиете, јас ви давам интересна реченица која повторно ви ги отвора очите, а по десеттина минути ве смеам, а кога се смеете допаминот доаѓа во вашиот мозок и не можете да спиете уште половина час. И по половина час кога допаминот ќе исчезне, јас ви го сервирам убиството. Ако можам да ви го задржам вниманието како писател навечер е прекрасно, ако самите создавате свои локации, карактери и мисли, тоа е добро читање. И јас многу читам, но не сакам автори кои се себични, кои воопшто не мислат на читателот. Ова го сфатив уште кога работев како издавач, дека читателите се мошне умни, читаат цела ноќ и треба да го почитувате тоа. Ги сакам читателите и со голем број читатели се сретнав во Белград. Сакам да слушнам поинаква публика, да го слушнам мислењето и од другата страна, како ја прочитале книгата, како ја доживеале. Ако одите во Тајван, можете ли да замислите како ќе ги примат моите книги? Јас не можам. Затоа сакам средби со читатели.

Вашите книги имаат милионски тиражи, а серијалот крими-трилери за секторот Q Ве вброи меѓу најпознатите и најнаградувани европски автори. Како почнавте да пишувате романи токму од овој жанр? Зошто токму крими-трилери?

-Мислам дека повеќе пишувам трилери од криминални романи. Кај крими романите целата работа е да се најде тело и да се истражува и да се каже зошто тоа се случило. Кај трилерот е да се превенира да се случи криминал на крајот од романот. Тоа е како добар филм. Едноставно мора да го видите крајот. Затоа мора да читате побрзо за да видите што е случува на крајот. Тоа е  стара традиција, уште од Библијата. Дали Аврам го уби Исак? Мора да знаеме. Или како Мојсеј избегнал да биде заробен од Рамзес II? Навикнавме да читаме трилери уште одамна. И што е најважно можете да пишувате за било која тема: социолошки, политички, љубовни, може да пишувате за се во овој жанр. Плус тоа за овој жанр има голема читателска публика.

Во романот „Манипулатор“ се разоткрива убиството на средношколка преку харизматичниот лидер на еден чуден култ, Во „Ефектот Марко“, повторно тинејџер кој исчезнува поради злоделата кои ги прави неговиот роднина Зола..; во „Без милост“- убиство на брат и сестра средношколци, за кое полицијата смета дека е дело на припадник на елитно друштво од приватната гимназија…Честопати главните ликови во романите се тинејџери. Дали некои од овие случи се вистините или можеби сте добиле инспирација од некој вистинит настан?

-Никогаш. Голем дел од моите книги се напишани пред навистина да се случат некои настани. Едноставно чувствував дека нешто ќе се случи. Ќе признаете дека не е многу често да пишувате за нешто пред тоа да се случи. Пишував за авион кој се урна удирајќи во висока зграда, кула, една година пред тоа да се случи на 11 септември во Америка.  Во друга книга пишував за настаните кои се случуваат во едно училиште, а во третата книга пишував за лице кое има специфична црква во Данска. Во врска со инспирацијата сакам да објаснам:новинарите пишуваат за настани кои се случиле и се движат во одредени граници од една до друга точка, она  што доаѓа потоа не е нивна работа, но тоа е моја работа. Гледам што се случува, гледам што би сакале новинарите да напишат, но не можат и тука настапувам. Напишав во 2003 година се она што денеска се случува во Америка. Еден ограничен човек ја злоупотребува својата моќ. Така што сега само можеме да прашаме: Што е следно? Не можам со сигурност да кажам што следно би се случило, но ја пишувам деветтата книга за секторот Q и таму пишувам за Кина. Прилично сум уверен дека она што го пишувам во книгата навистина ќе се случи. Многу е интересно да се биде јас. Но, понекогаш е многу страшно. По 11 септември во Америка бев шокиран и многу новинари ме прашуваа дали мојата книга била инспирација, но се беше многу чудно и бев исплашен. Станав параноичен по 11 септември поради таа книга.

Сектор Q го сочинуваат детективот Карл Морк, неговиот помошник, сирискиот бегалец Асад, Роузи и новиот соработник Гордон. Во моментов во цела Европа, па и во светот е актуелно прашањето за статусот на сириските мигранти. Со оглед на тоа дека Асад е вклучен во Вашите романи, имате ли некакво искуство со бегалците од Сирија? Каков е Вашиот став за тоа прашање? Како да се реши проблемот?

-Запознаен сум со состојбите на бегалците. Јас сум  човек кој се интересира за политика. Мојот став за бегалците, не само за оние од Сирија, туку од цел свет, го пишувам во мојата деветта книга. Додека престојував во Барселона, шетав постојано крај океанот и таму има една табла, која постојано брои, секој ден, час по час броевите се менуваат и покажуваат колку лица се удавиле во Медитеранот. Кога сум таму, секој ден одам до таблата само за да се потсетам себе си колку е ужасен овој проблем. Сите ние знаеме благодарение на информациите од медиумите дека тие луѓе навистина живеат во мизерни услови и го разбирам тоа. Сигурно и јас би бил бегалец доколку бев Сириец и би го повлекол целото семејство и би презел се што е потребно за да мигрирам на север, освен да бегам со брод во водите на Медитеранот-тоа е безмислено, глупаво. Но, што да се направи за да се реши проблемот. Јас и предложив на Владата на Данска наместо да им дадеме контејнери, да изградиме евтини куќи. Значи куќите ќе бидат изградени квалитетно, голем дел од бегалците се образовани луѓе-можат и самите да ги изградат, а по завршувањето на нередите во Сирија, кога бегалците би се вратиле дома,  куќите би се користеле за некоја друга намена. Сега јас да ве прашам нешто: што мислите, што ми одговори данската влада? Рекоа дека идејата е многу интересна и паметна и дека ќе ја предложат во ЕУ. Мислите дека слушнав нешто потоа? Година и половина е помината и тоа остана само идеја. Нема одговор. А зошто? Затоа што политичарите во Европа едноставно повеќе не се способни, едноставно не се добри. Лут сум поради тоа и често реагирам. Реагирам затоа што младите генерации кои растат во моментов во Европа се воспитани да мислат само на себе и своето семејство. Данска беше прекрасна социјална демократска земја порано. Од 2001 година наваму, не постои таа држава што ја знаевме, сите се грижат само за себе, а не и за другите, но тоа не е Данска. Ние  би сакале да бидеме икона за останатиот свет, за скандинавскиот свет, како да се оди во болница и било што да ви треба да биде бесплатно, училиштата се бесплатни, факултетите…Таму лесно можете да се видите со јавни личности: неколкупати сум ја сретнал Кралицата и Премиерот и му го кажав она што пред малку ви го реков и вам-што не ми се допаѓа.

Потекнувате од Данска, но живеете во Барселона. Таа деновиве е мошне актуелна поради одлуката за одвојување на Каталонија, референдумот и протестите. Каква беше атмосферата пред да заминете од таму? Можете ли изворно да ни кажете што се случува таму?

-Не сум бил во Барселона од изборите, но се враќам таму за десеттина дена. Каталонците се посебни. Тоа што се случи во Југославија мислам дека не може да се случи таму. Навистина мислам дека не може да се случи, бидејќи тие го обожуваат својот живот, градот, смиреноста, но тие се лути, бесни. Кога една земја бара независност треба да се разговара за тоа, а со она што го прави Мадрид само го навлекува бесот на себе. Тоа е уште од времето на режимот на Франко. Во тој период во Каталонија имало многу убиства, бомбардирани градови и се бореле, но тоа го оставиле зад себе, го заборавиле. Интересно кај Каталонците е дека тие не зборуваат за тоа, немаат сеќавања за војната, за убиствата…Тоа е слично како она што се случуваше во Јужна Африка-што се случи, се случи-заборавете на тоа. И тоа го направија и јас им се восхитувам. Очекувам дека ќе има избори на 21 декември на кои уверен сум дека ќе мамат, нема да ги избројат гласовите правилно. И ако се прашувате дали во Каталонија нема страв од тоа дека ќе бидат надвор од ЕУ-се лажете. Тие се многу поумни. А Шпанија не сфаќа што се случува. Каталонија ќе стане Швајцарија. Едноставно. Поволни даноци за компаниите и тие ќе бидат богати. По прогласувањето на независност компаниите ќе се вратат во Каталонија бидејќи даноците ќе бидат многу ниски. Многу се глупави во Мадрид. Но, она што навистина не го разбирам е тоа што никој не ги поддржува во Европа, никој ќе се залага за нив. Не е во ред да се тепаат жени и деца на денот на референдумот. Едноставно не е во ред да се ставаат луѓе во затвор затоа што сакаат да бидат независни. Само Шкотска ги поддржа. Зошто не ги поддржаа и да помогнат во некакви преговори наместо да велат дека немаат право да го прават тоа? Се срамам од европските лидери кои не интервенираат.

Во младоста сте свиреле гитара во неколку поп групи. Која музика ја сакате? Кој ви е омилен поп пејач?

-О, какво прашање. Имам многу омилени пејачи бидејќи сакам секаква музика. На пример, Вашето име Невена, ме потсетува на српската група „Неверне бебе“ која има меки звуци и често ги слушам последниве 15 години. Бев во Црна Гора кога првпат ги слушав да настапуваат. Девојките се одлични музичарки и композитори. Разговарав со нив. Не го кажувам ова затоа што сега сум овде, туку навистина ја слушам нивната музика многу често. Звучат мазно, не ги разбирам зборовите, ниту текстот што ги пејат, но нивниот јазик како и вашиот е многу нежен. Кога пеете тоа е како да изјавувате љубов. А денес кога ќе прошетам низ Скопје имам намера да набавам Це-Де со македонска музика. Не зборувам за фолклорна музика, туку поп пејачи и многу сум возбуден. Кога свирев во бендови ги слушав Џими Хендрикс и други големи имиња, ги изведувавме нивните песни. Денеска слушам музика по цел ден и тоа американска, италијанска, било која. За мене добра музика е кога изведувачите се добри музичари и композитори, барам вештина. Сакам и класична музика, ако е добра.

Студиравте медицина, социологија, па потоа филм. Бевте уредник, издавач, композитор на филмска музика, но и продавач на книги…Како почнавте да се занимавате со пишување и објавување крими романи?

-Уште како дете многу пишував. На училиште наставниците ме удираа по рамото за да престанам да пишувам на часовите. Потоа учествував на државен натпревар и ги освоив сите награди. Мислам дека по природа сум натпреварувач, имам натпреварувачки дух. Не само во пишувањето, во било што сакам да го дадам најдоброто од себе и барам од себе ништо помалку од тоа. Мислам дека овој настани беше причина да станам писател. Сте ја слушнале ли приказната за тоа кога бев извидник? Изградив кула од три потпирки и на врвот горе заедно со мојот пријател ставивме трева и одлучивме дека таму ќе останеме цела недела. Слушнавме дека војниците останувале три дена, па ние сакавме да бидеме подобри. И по три дена сфативме зошто војниците слегувале долу-едноставно бидејќи е здодевно. Беше есен, паѓаа пожолтените листови од дрвата и ние четриринаесетгодишни момчиња од досада ги пушевме и добивме тешка дијареја од тоа, па не можевме да слеземе одозгора. Многу луѓе доаѓаа од градот да не гледаат бидејќи весниците пишуваа за нас. Од овој настан сфатив дека бевме многу храбри и останавме горе. И тоа е неопходно за еден писател. Мора да пораснете, морате да се запознаете самиот себе си, мора да сфатите дека ќе живеете од тоа, да се преиспитате дали сте доволно добри. Не можете да бидете интровертни, само да седите во соба и да чекате некој одозгора да направи нешто за вас. Да се вратам повторно на кулата. Останавме горе, но сеуште беше досадно и почнавме да си раскажуваме приказни. Мојот пријател имаше многу добра меморија. Ги знаеше сите приказни од Едгар Алан По, се паметеше. Јас не-ете тоа е одлика на писател. Ние ништо не паметиме, ние создаваме приказни. И јас измислував мои приказни на кулата. Мојот пријател не можеше три ноќи да спие горе на кулата и знаев дека моите хорор приказни, кои лесно ги измислував се причината за тоа. И уште една работа. Кога имав 30 години испланирав дека ќе бидам писател. Зошто? Затоа што ова изгледа  дека е најубавата работа на светот. Не мора да одите на работа и кога надвор студи или врне снег, може да пишувате во пижами и ако имате среќа може да заработувате за живот. Јас и мојата сопруга отидовме во Холандија каде таа сликаше, а јас се обидував да напишам роман и успеав-напишав роман кој беше полн со грозотии се зборуваше за Камбоџа, Уганда, но никогаш не го објавив бидејќи јас така одлучив. Кога имав 45 години одлучив дека ќе се пензионирам како писател и ќе бидам дома секој ден за мојот син и му правев палачинки кога се враќаше од училиште, одев на неговите фудбалски натпревари. Тогаш имав време за мојот живот. Можев да живеам од романите, а кога дојде секторот Q книгите уште подобро се продаваа. Пишувањето за мене е губење време. Сакам да пишувам приказни и синопсис и тоа е време за забава, тогаш треба да истражувате, да патувате, да зборувате со различни луѓе, да читате многу пред да почнете со пишување, а потоа доаѓа траумата кога треба да седнете и со месеци само да пишувате. Јас пишувам кога чувствувам така или кога имам време или кога се наближува  крајниот рок да го предадам ракописот. Може ништо да не напишам два месеца, но може да пишувам петнаесет часа кога ја имам приказната. Јас сум ужасен човек во мојата пишувачка дисциплина, но успевам. Имам свои трикови за да не дојде до блокада до која вообичаено доаѓаат писателите. Тоа го нема кај мене.

Наидов на податок дека извесен период сте работеле како реставратор на стари згради и тоа сте го сметале за свое најубаво хоби. Не го правите повеќе тоа? Немате време или нешто друго е причина за тоа?

-Најпрво изградив шееснаест куќи и ние живеевме во нив додека ги градев. Тоа значи дека мојата сопруга живееше во прашина цели триесет години и и ветив дека тоа е готово. Но, многу ми недостига тоа хоби, не само за хоби туку и физички, бидејќи кога градите користите и други делови од мозокот и тоа го прави креативниот дел од мозокот подобар и сте во подобра физичка кондиција, имате многу физичка активност…

Вашиот татко работел како психијатар во болница за душевно болни. Како дете заедно со вашите сестри голем дел од времето сте го поминувале во близина на неговото работно место. Какви искуства имате од таму? Имаше ли некои несекојдевни случки? Дали тоа подоцна најде место во во вашите дела?

-Во тоа време ние живеевме во болницата за душевно болни, заедно со пациентите. Од петгодишна возраст до 14 години живеев таму. Во меѓувреме третманот на болните се промени во голема мера. На почетокот не можеше да се стори ништо за нив освен електрошокови, врзување и одредени медикаменти кои ги зашеметуваат. Јас како шестгодишно момче имав пријатели со ментална болест. Еден од нив е Мистер Марк, кој е еден од ликовите во романите. Што научив оттаму? Можеби се. На пример, колку може да биде суров животот. Од социјален аспект, кога сте возрасна личност, колку проблематичен може да биде ако сте ментално болен, дека секое дете, како мене може подоцна да биде ментално болно ако нешто се случи и животот тргне во друга насока. Научив да се грижам за себе и за се околу мене и научив многу за емпатијата. Тоа е најважната работа што можеме да им ја дадеме на нашите деца. Дајте им емпатија на децата и тие ќе бидат подобри личности, сигурно. Се разбира имаше и ужасни слики. Замислете да живеете на фарма каде што се убиваат животни. Сум видел многу електрошокови, аутопсии. Се качувавме на покривот од болницата и гледавме како прават аутопосии, а ги знаевме и пациентите на кои им се прави тоа. Но, тоа беше нормално за нас, телото не крвавеше, знаев дека тоа не се живи суштества и не се ужаснував. Научив дека се исплатува постојано да одиш понатаму со личностите кои ги лекуваш, а за кои се мисли дека нема лек. Мојот татко беше мошне контроверзен и ме научи многу за тоа. Имав намера да бидам психијатар и затоа почнав да студирам медицина, но по извесно време одлучив дека не сакам животот да ми се одивива меѓу болни луѓе. Едноставно застанав и никогаш не зажалив за тоа.

Сте добиле повеќе престижни литературни признанија и награди, книгите се продаваат во милионски тиражи, три од Вашите романи се екранизирани…Што се Вашите следни планови? Има ли нешто што сакате да го направите, а не сте успеале досега?

-Пред три дена тоа беше да одам во Македонија. Сакам да свирам музика, да компонирам за некој современ филм, може да е забавно да стигнам на врвот на поп изведувачи…Би сакал помеѓу и да патувам, на пример во Јапонија, да пишувам, да го следам мојот син во животот, да имам внуци. Тоа се едноставни работи и среќен сум дека можам да правам што сакам, но кога е така тогаш не го сакате тоа повеќе. Кога сте помлад постојано мислите на иднината, треба да се плати станарина, треба да се направи ова или она, но кога сте на моја возраст во иднина може само да очекувате да бидете болен и да умрете. Тоа е реалноста, но јас се надевам дека како сите во моето семејство ќе доживеам длабока старост.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top