| четврток, 6 декември 2018 |

Песочна мушичка сее зараза во Македонија

Во земјава досега се забележани веќе 16 заболени што е за осумпати повеќе отколку пред две години, но со нешто полесна форма на болеста од која во Бугарија почина едно дете, пишува денешен „Дневник“

Sickness_Skull_BG

Се зголемува бројот на заболени од лајшманиоза – заразна болест што ја пренесува песочна мушичка – досега во земјава се пријавени 16 заболени, а децата од пет до 10 години се најмногу на удар, предупредуваат од Институтот за јавно здравје. Оваа болест направи паника и кај населението во соседна Бугарија откако шестгодишно дете од Петрич, но и неколку возрасни лица заболеа од многу поопасна форма на оваа болест – кала-азар или висцерална лајшманиоза.

Во минатата година имало 13 случаи на заболени од лајшманиоза, и тоа четири во Скопје, Велес (3), Прилеп (2) и по еден во други градови. Додека во 2011 година имало само два случаја, од јануари до јуни годинава се регистрирани дури 16 заразени од лајшманиоза во Скопје, Прилеп, Битола, Kуманово.

– Болеста најчесто се јавува во летните месеци, а резервоар се дивите животни и кучиња – ретко домашните животни и човекот. Предизвикувач е паразит, а заразата се пренесува со убод од песочна мушичка (флеботомус). Kај нас се зголемува бројот на заболени кај децата од пет до 10-годишна возраст. Болеста се јавува во две форми – кожна – кога се јавуваат јазли, како гнојни чирчиња на кожата, а може да биде зафатена и слузницата на устата, грлото и носот.

Промените на кожата најчесто спонтано исчезнуваат, но некогаш може да останат и грди лузни – објаснува д-р Жарко Kараџоски, епидемиолог во Институтот.

Тој предупредува дека, за жал, болеста може да се јави и како висцерална лајшманиоза и да ги нападне и внатрешните органи – црниот дроб, слезината. Тогаш е многу поопасна и може да заврши со смрт.

Дијагнозата се поставува со тестови на крвта, со кои располагаат нашите здравствени установи, а терапијата е антибиотска. Чиревите на кожата се мачкаат со раствор на антимон.

Во светот ова заболување се јавува и во Индија, Бангладеш, Непал, Судан, како и на целиот Медитеран.

– Инкубацијата трае од 10 до 30 дена, а најчесто се јавува како кожна лајшманиоза. И кај ова заболување многу е важно граѓаните да ги спроведуваат мерките за заштита од комарци и други инсекти бидејќи се пренесува преку убод на песочна мушичка. Мора да се постават мрежи на прозорците и на вратите, но и да се стават мрежи на креветот, ако се преспива во просторија која нема заштитени прозорци. Да се носат блузи со долги ракави и панталони со долги ногавици кога се престојува надвор. Со средства против комарци да се мачка 30 минути пред излегување. Исто така, треба да се празнат кофи и буриња со застоена вода, дури и подлога на саксии и вазни со цвеќе, кои треба добро да се измијат зашто ларвите од комарците може да останат на рабовите – советува д-р Kараџоски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top