| четврток, 6 декември 2018 |

Поради недемократско однесување – ССМ може да биде исклучен од Европската конфедерација на синдикати

Генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикати (ЕТУЦ), Лука Висентини, пред вонредниот конгрес на Сојузот на синдикати на Македонија упати уште едно писмо до ССМ, во кое ја осудува постапката на актуелното нелегитимно раководство за избор на ново раководство на синдикатот и го најави своето отсуство од конгресот на ССМ кој се одржува во Охрид.

-Ви благодарам на поканата за Вонредниот Конгрес како и за информациите во врска со подготвителните активности за подготовка на Конгресот. Ние ја цениме посветеноста за одржување на Конгресот со цел и другите грански синдикати да се вклучат во донесувањето на одлуките во врска со раководењето на ССМ, решение што за жал беше отфрлено од претходниот претседател Митревски. Без оглед на наведеното, загрижени сме дека постапката ни од далеку не ги следи демократските правила, бидејќи доведува до елиминирање на потенцијалните кандидати за функцијата претседател пред самиот конгрес, и со тоа не им се дозволува на делегатите да направат вистински избор. Од нашите претходни контакти со Вас ние разбравме дека токму ова беше проблемот што Вие и вашите колеги од четирите грански синдикати сакавте да го промените. За изненадување и за жалење е дека Вие продолжувате по насоката која сакавте да ја промените за да биде подемократска- нагласува Висентини во писмото.

-Жалиме, но при ваква ситуација Европската конфедерација на синдикати (ЕТУЦ) нема оправдани причини да учествува на Конгресот, кој нуди малку шанси за отворена дебата и демократски избори за иден лидер на ССМ. Се уште постои можност ова да се промени и да се подобри постапката, дури и ако за тоа биде потребно повеќе време. Потребно е да ги преземете овие чекори, доколку сакате ССМ да биде подемократски и почитуван во рамките на Европското движење на синдикатите- пишува генерален секретар ЕТУЦ.

Тој претходно на Димовски му пиша дека неговото последно писмо му дало чувство на ‘дежа ву’

-Ние од Вас очекувавме нов почеток и демократизација со измена на внатрешните правила правејќи ги истите поотворени со цел да се избегнат пречките со кои и Вие се соочивте- вели Висентини во одговорот на писмото од в.д. претседателот на ССМ, Дарко Димовски, со кој тој го поканил да присуствува на вонредниот Конгрес.

-Ние разбравме дека не Конгресот, туку Советот, е тој кој веќе ја усвоил една од најважните одлуки на ССМ и дека имате намера да продолжите со (да ги задржите сите) претходните постапки. Ова ќе го земеме во предвид кога ќе го оценуваме процесот и неговите последици за членство во ЕТУЦ- му порача Висентини на Димовски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top