Тројцата најбогати луѓе во САД – Бил Гејтс, Џеф Безос и Ворен Бафет заедно имаат имот поголем од заштедите на 160 милиони Американци, покажува најновата студија.
– Тројцата милијардери заедно вкупно имаат 248,5 милијарди долари што е многу над вредноста на имотот на околу 63 милиони американски домаќинства, се наведува во студијата „Билионер бонанца 2017“, изработена од американскиот Институт за политички студии.
Коавторите Џоз Хокси и Чак Колинс истакнуваат дека толку многу пари концентрирани кај неколкумина додека поголем број луѓе се мачат, тоа не е лошо само за економијата туку предизвикува и морална криза.
Вкупната вредноста на имотот на 400 најбогати луѓе во САД, што изнесува 2,68 билиони долари, е поголема од бруто домашниот производ на Велика Британија, на Франција или на Индија.
– Нашите 400 најбогати луѓе имаат богатство поголемо од вкупните средства на 64 отсто од американското население односно на околу 80 милиони домаќинства или 204 милиони луѓе, што е многу поголем број од жителите на Канада и Мексико заедно, се посочува во студијата.
Даночните намалувања што ги предложи американскиот претседател Доналд Трамп најверојатно уште повеќе ќе го прошират јазот, бидејќи 80 отсто од намалување на данокот ќе биде во корист на најбогатите однсоно на еден процент од домаќинствата.
– Нееднаквоста во богатството е во пораст. Сега е време за акција со цел да се намали нееднаквоста, а не за намалување на данокот за најбогатите, се потенцира во студијата.
Хокси и Колинс предлагаат два начини за намалување на расчекорот во богатството. Прво да не се зголемува дополнително нееднаквоста со намалување на данокот за богатите, а второ да се примени политика за намалување на концентрираното богатство.
– Нееднаквоста ќе продолжи да се продлабочува додека не интервенираме директно за да ја намалиме големата концентрираност на лично богатство. Со оданочувањето на нашите најбогати домаќинства би можеле да дојдеме до значителни приходи и потоа да ги вложиме тие фондови во развој на можности за создавање богатство, се заклучува во студијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.