Пајко Маало било најголемото и најпознатото маало во Скопје, кое се простирало меѓу реката Вардар од една страна и Покриената чаршија и Карадак Маало од другата страна. Во состав на ова маало спаѓало и Егидпашино Маало кое било поголемо.
Камениот мост со Пајко Маало, 30-тите години на 20 век
За Пајко Маало постојат безброј легенди. Сите легенди се поврзани со минатото. Во периодот помеѓу двете светски војни во ова маало се наоѓале најубавите улици и куќи во кои живееле старите скопски фамилии и богатите граѓани на Скопје.
Напуштената семејна куќа на Рибареви, 70-ти год. на 20 век
Чаир маало се простирало од Пајко и Карадак Маало по р. Серава сé до периферијата на градот, со центар кај “турбето”. Населението во Чаир било мешано, и муслимани и православни. Затоа, во маалото преовладувале два типа на куќи: Македонски и турски.
Панорамски изглед на Чаир маало, помеѓу двете светски војни
Во ова маало постојат остатоци од турски згради. Тука се наоѓа и Јаја Пашината џамија, веројатно изградена на местото на старата православна црква Св. Богородица. На самиот крај од Чаир уште од дамнешни времиња се наоѓале христијански гробишта, во кои погребувањето на христијанските жители било забрането од турските власти уште во 1888 година.
Еврејско маало, куќи од Камениот мост до Дрвеното еврејско мовче
Еврејското Чивутско (Чивутана) маало се наоѓало во продолжение на Пајко маало и се сметало за постара етничка колонија од дојденците во овие предели. Европските патеписци, Евреите ги спомнуваат уште во средниот век и ги сметаат за најстари жители на Скопје од вонбалканските доселеници.Тие, главно ”компактно живееле во Еврејското маало”, но ги имало и во другите маала. Еврејското маало постепено го менувало својот изглед. Биле изградени неколку кафеани со бавчи, голем број приватни куќи, училиште како и народниот театар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.