Незадоволни од судењето и од односот на Фудбалската федерација на Македонија, албанските клубови сѐ позасилено се закануваат со бојкот на домашните фудбалски лиги и настапите за репрезентацијата на Македонија.
Чудно е што на прес-конференција вакви ставови изнесе и првиот помошник на селекторот Чедомир Јаневски, Неџат Шабани. Незадоволни се од неуспесите на Дрита и на Албарса во бараж-натпреварите за пополнување на Првата и на Втората фудбалска лига.
„Бараж натпреварот за влез во Втората лига течеше во ред на почетокот, но кулминацијата беше досудениот пенал за Тиверија иако немаше никакви елементи да се суди такво нешто. Потоа беше тешко да се вратиме, посебно и ако се знае дека судијата го скрати натпреварот за 7-8 минути. И претходно бевме оштетувани, но ова ги мина сите граници. Само поради судиите не сме во Втора лига. Не знам дали повеќе вреди да се игра фудбал во оваа земја. Доколку се продолжи со ваков однос кон албанските клубови, нема смисла да се игра понатаму – рече Шабани.
Дрита не го доигра натпреварот со Еуромилк, а фудбалерите на тимот од Боговиње го напуштија теренот при резултат 3-2 за противникот, а беа незадоволни од судењето. Слична е приказната и со Албарса, поранешна Слога Југомагнат, екипа што загуби со 0-1 од Тиверија во бараж меч за пласман во Втората лига.
Претходно имаше и собир на албанските клубови во Тетово, а и тука имаше закани дека делегатите Албанци нема да учествуваат на Собранието на ФФМ, закажано за 29. јуни во Охрид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.